МВР ќе толерира до 56 километри на час во Скопје, за 57 ќе платите казна од 15 евра

Aко возачот вози со 57 километри на час, ќе му стаса порака со електронски записник кој ќе регистрира сообраќаен прекршок и ќе треба да плати казна, потврдуваат за Мета.мк од Министерството за внатрешни работи (МВР). Иако беше најавемо дека ќе има толеранција и отстапки во средини во кои дозволена брзина е 50 километри на час, сепак, вво пробниот период кој се уште е во тек, возачите добиваат мејлови со записници дека ја надминале дозволената брзина од 50.

„Што се однесува до отстапките или толеранцијата на камерите од системот „Безбеден град“ ќе бидат идентични со оние што веќе се применуваат кај останатите полициски радари. Тоа значи толеранција од 6 километри на час за брзини до 100 км на час, 8 километри на час за брзини над 100 км“, велат за Мета.мк од МВР.

Како што појаснуваат оттаму, ако дозволената брзина е 50 км на час, а возачот управува возило со брзина од 57 километри на час, ќе биде констатиран сообраќаен прекршок.

„Доколку пак, возачот го управува возилото со брзина од 56 километри на час системот нема да констатира сообраќаен прекршок. Напоменуваме дека толеранција се однесува исклучиво на сообраќајни прекршоци, но нема да важи во случаи кога ќе биде сторено кривично дело поврзано со сообраќајот“, појаснуваат во МВР.

Во меѓувреме, МВР на нивната веб-страница ги објави казните со кои се соочуваат прекршителите на сообраќајните правила. Така, за пречекорување на брзината во населено место (дозволена брзина до 50 km/h, по исклучок до 70 km/h каде што е означено), до 10 km/h казната е 15 евра. Од 10 до 30 km/h е 50 евра, а од 30 до 50 km/h казната е 300 евра и забрана за управување со возило од 3 до 12 месеци.

Надвор од населено место (автопат – 130 km/h, пат за моторни возила – 110 km/h, други патишта – 90 km/h), за пречекорување до 30 km/h возачот ќе мора да плати 20 евра, од 30 до 50 km/h – 50 евра, а ако пречекорувањето е од 50 до 70 km/h, казната е 300 евра и забрана за управување 3–12 месеци.

Казната за поминување на црвено светло е 250 евра и забрана за управување на моторно возило од 3 до 12 месеци.

Во однос на непрописното запирање и паркирање, ќе се казнува на критични локации како пешачки премини, крстосници, мостови, зелени површини, места за лица со попреченост, велосипедски патеки, тротоари и автобуски постојки.

„Глобите се движат од 25 евра до 180 евра, во зависност од видот и тежината на прекршокот. За учество во сообраќај со нерегистрирано возило, казната е 500 евра за возила без важечка сообраќајна дозвола или регистарски таблици. Ако истекот на сообраќајната дозвола е до 30 дена, казната е 100 евра.

Ако казната се плати во рок од 8 дена, таа ќе биде пониска за 50 отсто. Забраната за управување се изрекува во половина од пропишаниот рок.

Минатата недела МВР извести дека во рамки на проектот „Безбеден град“, во периодот од 20 јануари (вторник) до 31 јануари (сабота) се врши тестирање, калибрација и верификација на поставените уреди (камери) за сообраќаен надзор.

„Тестирањата ќе се реализираат секој ден во периодот од 8 до 20 часот. За време на спроведувањето на овие активности, возилата на локациите каде што се врши тестирањето нема да бидат пропуштани додека трае постапката. Ги повикуваме граѓаните и сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат привремените ограничувања, како и да покажат разбирање, трпение и соработка со цел непречено и безбедно реализирање на планираните активности“, соопштија тогаш во МВР.

Од почетокот на декември минатата година, системот со камери „Безбеден град“, кој детектира сообраќајни прекршоци почна со фазата на тестирање во Скопје, а граѓаните веднаш почнаа да добиваат известувања за прекршоците и казни. Мета пишуваше дека овие известувања отворија голема дилема бидејќи известувањата одеа и на погрешни броеви и електронски адреси, поради што кај граѓаните пробудија загриженост за своите лични податоци. Во овие известувања има лични податоци како што се: име, презиме, матичен број, лична карта, адреса, телефонски број и е-маил.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кажа дека целта со оваа новина е во сообраќајот до 2030 година да се намали и преполови бројот на сообраќајни несреќи.

INFO