По неколку години подготовки, Владата го усвои законот за климатска акција, наскоро треба да се најде и пред пратениците

Владата го усвои законот за климатска акција, кој, по одобрувањето во Европската Комисија, наскоро ќе треба да се најде и пред македонските пратеници. Законот, кој се чека повеќе години, треба да воспостави механизми за интегрирана климатска акција и правна основа за воведување и спроведување на пакетот за следење, известување, верификација и акредитација за емисиите на стакленичките гасови од стационарните извори.

Теодора Обрадовиќ Грнчаровска од Министерството за животна средина, вели дека подготовката на законот траеше долг период заради динамичноста на материјата која ја опфаќа и која се менува со брзо темпо и во Европската Унија. Таа посочува дека важноста на законот е голема бидејќи ќе ги форсира капацитетите да работат со поеколошки практики и со тоа ќе има директен бенефит за здравјето на граѓаните.

„Првпат од проектно управување со климатската акција, во кое сите извештаи колку и од кои извори се емитуваат стакленички гасови се направени како проектни активности финансирани од странски партнери, а сега со законот ќе се воспостави институционално управување на климатската акција со што ќе се дадат обврски и одговорности на Министерството, но и на други органи на управата“, вели Обрадовиќ Грнчаровска.

Со воспоставување на механизмите кои ги предвидува законот ќе има точни податоци за емисиите кои доаѓаат од одредена категорија на инсталации, како што е челичната индустрија која извезува во ЕУ и која мора да има точни податоци заради данокот на јаглерод кој ќе треба да го плаќаат.

„Овие средства кога ќе се донесе законот и подзаконските акти ќе треба да се влеваат во домашниот буџет и да се користат наменски за имплементирање проекти за декарбонизација. Во тој случај тие нема да мора да ја плаќаат оваа давачка на влезот на нивните производи во ЕУ, каде што е повисока и која што ќе мора да ја плаќаат додека да се донесе овој закон, вели Обрадовиќ Грнчаровска.

Македонија пет години го одложува законот за климатска акција, констатираше минатата година и Државниот завод за ревизија. Земјава не знае колкави се емисиите на стакленички гасови, ниту пак какви се ефектите од мерките кои досега ги предвидела државата. Институциите се некоординирани во активностите за заштита од климатските промени, и иако земјата е во групата на сериозно ранливи општества, на кои промените во климата им влијаат во многу сектори, сепак нивниот одговор на заканите не е соодветен.

„Со ревидираниот Национален придонес, државата се обврзала до 2030 година да ги намали нето емисиите на стакленички гасови за 82 отсто во однос на 1990 година, додека според официјалните податоци од Инвентарот на стакленички гасови, во 2019 година вкупните емисии на стакленички гасови се намалени за 9,2 отсто во споредба со 1990 година. Бидејќи нема нови податоци во инвентарот, ниту пак министерството за животна средина има механизми за мониторинг, не може да се направи проценка на релевантноста и ефектите од мерките кои се употребуваат за да се постигне поставената цел до 2030 година“, пишува во ревизорскиот извештај.

INFO