СЕММ: Протестите за „Safe City“ да се следат одговорно без сензационализам, генерализации и стигматизација

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) укажува на важноста од одговорно известување во врска со случувања како протестите што следеа по стапувањето во сила на системот за контрола на сообраќајот “Safe City“.

Кога медиумите известуваат за протести или инциденти поврзани со маргинализирани заедници, особено кога се изнесуваат барања што се спротивни на закон или можат да ја загрозат јавната безбедност, важно е дa да се опфати пошироката слика, наместо само да се пренесе за настанот.

Воздржаноста при известувањето е морален императив, но таа не е доволна: новинарите и уредниците имаат обврска јасно да кажат што е неприфатливо, но и да внимаваат тоа да не се претвори во колективна осуда или стигматизација.

Истовремено, отстапувањето од воздржаност преку сензационалистички пристапи, поедноставени наративи или нагласување на идентитетски обележја дополнително го засилува ризикот од поларизација и говор на омраза.

Затоа е важно внимателно да се бираат насловите, формулациите и визуелните материјали, особено за теми за кои однапред е јасно дека можат да предизвикаат силни и поларизирачки реакции.

Сензационализмот и генерализациите, дури и кога не се намерни, го менуваат начинот на кој темата се чита и коментира во јавноста и ја легитимираат стигматизацијата.

Целта не е да се релативизираат законите или да се оправдуваат спорни барања, туку јавната расправа да остане насочена кон решенија, одговорност и јавен интерес, наместо кон продлабочување на поделбите.

INFO