„Стоп за Усје“ апелира граѓаните и експертите активно да учествуваат во јавните расправи за дозволата на Цементарницата

Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ апелираше граѓаните и стручната јавност да ја искористат можноста и активно да се вклучат во јавната расправа за процесот на обнова на А-интегрираната еколошка дозвола за цементарницата ТИТАН Усје и на тој начин да влијаат врз условите под кои компанијата ќе работи во наредните години.

Од иницијативата информираат дека работата на цементарницата ТИТАН Усје е регулирана со А-интегрирана еколошка дозвола, издадена од Министерството за животна средина и просторно
планирање, за која компанијата до 12 март треба да бара обнова за следните седум години.

„Ги повикуваме сите граѓани кои сакаат тие и нивните деца да живеат во чиста и здрава животна средина, заедно со нас да не дозволат повторно ТИТАН Усје да испраќа периодични мерења од само две од вкупно 12 емисиони точки кои загадуваат. Во моментов компанијата мери и јавно соопштува податоци само за два оџаци, што не ја дава реалната слика за загадувањето“, велат од иницијативата.

Преку јавната расправа, која МЖСПП, Град Скопје и ТИТАН Усје се законски обврзани да ја организираат откако ќе биде објавено барањето за обнова на А-интегрираната дозвола, сметаат од „Стоп за Усје“, ќе може директно да се влијае во сѐ што значи исцртување на А-интегрираната еколошка дозвола, вклучително кои најдобри достапни техники и технологии ТИТАН Усје ќе мора да ги применува, каков ќе биде системот на производство, какви филтри ќе мора да користи, до кои гранични вредности ќе смее да работи, кои загадувачки параметри ќе мора да ги мери, со која фреквенција ќе се вршат мерењата и каде и како резултатите ќе се објавуваат јавно,
редовно и транспарентно.
„Процесот за обнова на А-интегрираната еколошка дозвола за ТИТАН Усје е редок и исклучително важен момент, кога граѓаните имаат реална можност да влијаат врз условите под кои цементарницата ќе работи во наредните години. Истовремено, МЖСПП е законски обврзано јавно да соопшти кои предлози од јавната расправа ги прифаќа, а кои ги одбива, со што секој граѓанин ќе може јасно да види дали Министерството застанува на страната на јавното здравје или на страната на профитот што ТИТАН Усје го остварува на штета на нашите бели дробови“, нагласуваат од „Стоп за Усје“.

Тие апелираат во јавните расправи да се вклучат особено еколошките експерти, професори, здруженија и активисти, како и до Усје доброволно да ги прифати сите предлози што одат во
насока на почиста животна средина и целосна транспарентност.

INFO