Во пресрет на големиот христијански празник Велигден, градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, заедно со Отец Оливер, пратеничката Бети Стаменкоска Трајкоска, претседателката на Советот Светлана Колариќ и претставници од неговиот тим, реализира посета на семејства од социјален ризик од општината. На овие семејства им беа доделени пакети со прехранбени производи, со цел да им се помогне и да им се овозможи достоинствено одбележување на претстојниот празник.
– Христос нѐ учи како да сакаме, да шириме среќа, да бидеме хумани и секогаш да ја подаваме раката за помош на својот ближен.
Во очекување на најрадосниот ден за нас Христијаните – Воскресението, најважно е истата таа радост да ја споделиме и со другите, да си помагаме кога е најтешко и да бидеме заедно во добро и во лошо.
Голем ден е пред нас, а човечката големина се покажува со дела.
Токму затоа, денес заедно со Отец Оливер, пратеничката Бети Стаменкоска Трајкоска, претседателот на Совет Светлана Колариќ и мојот тим, посетивме семејства од социјален ризик од нашата општина на кои им поделивме пакети со прехранбени продукти и се потрудивме со нашето мало внимание да им го разубавиме празникот.
Да знаат дека не се сами, да знаат дека мојата рака секогаш ќе биде нивна поддршка и во убавите, но и во тешките времиња.Сите заслужуваат топол дом и празнична трпеза и јас, онолку колку што можам ќе бидам тука за мојот народ.
Мојата порака до сите е да се стремиме да бидеме уште подобри луѓе, да си помагаме и да си подаваме рака, секаде да пристапуваме со добрина и љубов бидејќи тоа е највозвишената човечка особина.
На тоа, нѐ учи нашиот Бог.
Големо благодарам до Отец Оливер и Хуманитарната организација ,,Свети Спас” од Драчево и на волонтерите, со која уште од самите почетоци соработуваме и сме заедно.
Заедно, за сите на кои им е потребно. Браќа и сестри, да менуваме преку хуманоста!
Да сте ми здрави и живи, изјави градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски.