Голема акција: шест компании останаа без лиценци за канабис

Министерството за здравство одзеде лиценци за одгледување канабис за медицински цели на шест компании, по спроведени контроли во кои биле утврдени низа неправилности.

На прес-конференција во Владата, министерот за здравство Азир Алиу информираше дека одлуките се донесени врз основа на наодите од инспекциските надзори.

Лиценците им се одземени на „Алфафам“, „Грин лајф“, „ЦБД медплант“, „Лајф плант“, „Атафарм“ и „Канабидоис“. Според министерот, кај дел од нив биле констатирани несоодветно складирање на сувиот цвет, недоследни известувања до надлежната Комисија, како и недоставување целосна документација за продажба и трансфер.

Алиу посочи дека досега биле извршени контроли во 13 правни субјекти, но најави дека инспекциски надзор ќе се спроведе кај сите 43 компании кои имаат лиценца за одгледување канабис за медицински цели.

Воедно, тој најави и ново законско решение, откако биле детектирани пропусти во постојната регулатива кои, како што рече, оставаат простор за злоупотреби.

„Ќе имаме ново законско решение кое ќе биде во согласност со ЕУ директивите и ќе ги надмине слабостите што ги утврдивме на терен“, изјави Алиу, додавајќи дека измените ќе бидат подготвени по завршување на сите контроли.

INFO