Во реакцијата се наведува дека јавните обвинители се свесни за сложената економска состојба во државата и потребата од мерки за штедење, но потсетуваат дека согласно Законот за платите на јавните обвинители, платата на јавен обвинител не може да биде намалена со закон или со одлука на државен орган, освен во случај на утврдена дисциплинска одговорност.
„Дополнително, законски предвидените додатоци за сложеност на трудот, со години не се исплаќаат поради недостиг на средства во Буџетот. Месечните примања се движат од нешто помалку од 90.000 до околу 130.000 денари и се најниски во регионот, а неспоредливи со оние во останатите европски држави“, се наведува во реакцијата на Здружението.
Во реакцијата се посочува и на постапката што се води пред Уставниот суд за оценување на уставноста на претходните измени на законот, со кои беа намалени коефициентите и ограничен порастот на платите.
„Иако конечната одлука не е сѐ уште донесена, имаме обврска да укажеме на штетните правни последици доколку со ново законско решение дополнително се продлабочат оспорените недоследности. Оценката на уставноста на претходните законски измени се проверка на уставната усогласеност и на измените кои сега се предлагаат, бидејќи повторно при иста методологија на пресметка на плати, се намалуваат коефициентите со што всушност се влијае за намалување на платите. Сметаме дека тоа е противуставно и незаконито решение со кое се загрозува независноста на јавните обвинители преку економски притисок, од кои причини бараме оваа точка да биде повлечена од дневниот ред, а потребата од измена на Законот во предложената насока да биде детално преиспитана“, пишува во реакцијата на Здружението на јавни обвинители.
Според предлог-законот, предложените измени имаат за цел да се спречи натамошниот непропорционален раст на платите на јавните обвинители и да се осигура поголема транспарентност и правична распределба на буџетските пари.
Во образложението на предлог-законот се наведува дека Уставниот суд во 2023 година донел одлука со која се укинува членот од Законот за платите на јавните обвинители, што довело до регулирање на платите со примена на просечна плата во државата. Согласно оваа пракса, платите на јавните обвинители значително се зголемувале, што предизвикувало нерамнотежа со другите плати во државата.
Во предлог-законот се предлага платите на јавните обвинители да се распределат во пет групи, изразени преку конкретни коефициенти. Коефициентите се движат од 1.97 до 2.60, зависно од типот на обвинителство и функцијата што обвинителот ја врши. Се предвидува дополнителен коефициент за јавни обвинители кои раководат со одделение во јавните обвинителства и тоа за 0,2 отсто додатно.
„Платите на јавните обвинители се распоредени во пет групи, изразени во коефициенти. Коефициентот за утврдување на платата на јавните обвинители изнесува од 1,97 до 2,60. Пресметувањето на платите се врши според видот на јавното обвинителство во кое јавниот обвинител ја врши својата функција. Првата група ги опфаќа основниот јавен обвинител со коефициент 2,11 и јавните обвинители во основните јавни обвинителства со коефициент од 1,97, кои постапуваат пред судовите со основна надлежност. Втората група ги опфаќа основниот јавен обвинител со коефициент од 2,25 и јавните обвинители во основните јавни обвинителства со коефициент од 2,04, кои постапуваат пред судовите со проширена надлежност. Третата група ги опфаќа основниот јавен обвинител со коефициент 2,46 и јавните обвинители со коефициент 2,25 во Oсновното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Четвртата група ги опфаќа вишиот јавен обвинител со коефициент 2,46 и јавните обвинители во Вишото јавно обвинителство со коефициент 2,25 и петтата група ги опфаќа Јавниот обвинител на Република Македонија со коефициент 2,60 и јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Македонија со коефициент 2,39. На коефициентот на плата на јавен обвинител кој раководи со одделение во Јавното обвинителство се додава 0,2“, пишува во предлог-законот предложен од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски и Ѓорѓија Сајкоски.
Новата законска рамка, доколку биде усвоена, ќе се применува од исплатата на платата за месец февруари 2026 година, а законот ќе стапи на сила со неговото објавување во Службен весник.
Според предлагачите, со измените ќе се постигне усогласување со реалните економски услови во земјата, како и поголема одговорност во трошењето на јавните средства наместо раст што би бил неподнослив за буџетот.
И.О.