Најмалку 46 лица загинаа во поплавите што ја зафатија југоисточната бразилска сојузна држава Минас Жераис, соопшти државната противпожарна служба вчера.
Поплавите принудија околу 3.600 луѓе да ги напуштат своите домови во градовите Жуиз де Фора и Уба.
Откако дождовите стивнаа во вторникот, локалните власти и волонтери започнаа со расчистување на теренот со помош на жителите кои останаа без домови и ги загубија своите најблиски.
Градоначалничката на Жуиз де Фора, Маргарида Саломао, ги повика жителите што живеат во ризични подрачја да ги напуштат своите домови и да побараат засолниште во центрите што ги отвори општината. Градот и натаму е во состојба на елементарна непогода.
Владата на Бразил соопшти дека ја забрзала испораката на хуманитарна помош и испратила здравствени работници и припадници на националната одбрана во погодениот регион.
Голем дел од Бразил во летниот период, од декември до март, влегува во пикот на дождовната сезона, кога се чести интензивните врнежи, невреме, поплави и свлечишта. Од градската управа на Жуиз де Фора информираа дека ова е најврнежливиот февруари во историјата на градот, со количина на дожд што веќе е повеќе од двојно поголема од просекот за овој месец.