ЗНАМ со предлог за изборна реформа: Една изборна единица, праг до 3% и парламент со 90 пратеници

Движењето ЗНАМ предлага воведување една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, како и намалување на бројот на пратеници во Собранието на 90. Предлогот беше презентиран на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство од страна на потпретседателката на партијата Весна Бендевска.

Според ЗНАМ, моделот со една изборна единица ќе овозможи поправедна застапеност на помалите партии и независните листи, а истовремено ќе ја зголеми еднаквата вредност на секој глас. Бендевска посочи дека ваквиот пристап бил посочен и во одлука на Уставниот суд, што дополнително ја зацврстува потребата од системски измени во изборниот модел.

Партијата исто така бара намалување на бројот на пратеници на 90, со образложение дека тоа ќе значи рационализација на трошоците и поефикасно функционирање на законодавниот дом. Според нив, помал парламент ќе донесе поконсолидиран и пооперативен процес на носење закони и ќе претставува финансиска придобивка за Буџетот.

Во однос на гласањето на дијаспората, од ЗНАМ потсетуваат дека воведувањето на тој модел го зголемило бројот на пратеници на 123, што отвора прашања за трошоците и ефикасноста на изборниот процес во странство, особено во случаи кога одзивот не ги оправдува вложените ресурси.

Од партијата најавуваат дека ќе продолжат да се залагаат за изборен систем кој гарантира пофер политичко претставување, поголема транспарентност и институции што работат во интерес на граѓаните.

INFO