11 Македонци чекаат евакуација од Израел – летови нема, се разгледува извлекување по море

Вкупно 11 македонски државјани побарале помош за евакуација од Израел поради влошената безбедносна состојба, информираат од Министерството за надворешни работи преку Амбасадата во Тел Авив.

Поради затворањето на воздушниот простор и прекинот на цивилните летови, нивното извлекување во моментов е отежнато и ќе зависи од развојот на безбедносната ситуација во наредните денови.

Како алтернативна опција се разгледува евакуација со брод од израелското пристаниште Ашдод до Лимасол на Кипар, за што македонската амбасада е во постојана координација со израелските власти и со нашите државјани на терен.

Дел веќе евакуирани
Претходно, една група македонски граѓани беше евакуирана со владин авион, а вкупниот број заинтересирани за напуштање на Израел е поголем, но не сите се подготвени веднаш да ја напуштат земјата.

Континуирана комуникација со амбасадата
Од МНР велат дека дипломатското претставништво во Тел Авив е во постојан контакт со македонските државјани и стои на располагање до нивното безбедно извлекување.

Граѓаните кои имаат потреба од помош можат да се обратат на дежурните СОС-телефони на Министерството и на амбасадата.

Министерството повторно апелира македонските државјани да се воздржат од патувања во земјите од Блискиот Исток додека трае кризата.

INFO