Сиљаноски: За 100 дена реализирани инфраструктурни проекти, субвенции за млади и поддршка за семејствата во Општина Дебрца

Градоначалникот на Општина Дебрца, Златко Сиљаноски, денеска презентираше отчет за сработеното во првите 100 дена од мандатот, потенцирајќи дека отчетноста и транспарентноста се темелите врз кои ќе се гради неговото работење во наредниот период.

Во обраќањето до јавноста, Сиљаноски истакна дека изминатиот период бил насочен кон реализација на конкретни проекти од инфраструктурата, поддршка на младите и семејствата, како и подобрување на комуналните услуги.

Меѓу мерките што ги издвои се субвенционирањето на возачки дозволи за млади до 21 година во износ од 20.000 денари, како и финансиска поддршка за склучување брак и за новороденчиња. Општината доделува 100.000 денари за трето и секое наредно дете, 6.000 денари за секое новороденче, 30.000 денари поддршка за брак на лица до 30 години и 6.000 денари за лица над 30 години.

Дополнително, обезбедена е еднократна парична помош за лекување, како и 30.000 денари за семејства погодени од пожари, поплави и други елементарни непогоди.

Во делот на инфраструктурата, локалната самоуправа реализирала повеќе активности за расчистување на крајпатна вегетација и канали на повеќе патни правци низ општината, како и целосно расчистување на диви депонии, меѓу кои и локацијата „Сини Вирој“ во Белчишта.

Асфалтирани се делници, меѓу кои и патот до село Долно Средорече во должина од 630 метри, а поставен е нов асфалт на улицата „Романка“ во Мешеишта. Во тек е реконструкција на улица во Волино, како и на Домот на култура во истото село. Пробиен е и нов пат до црквата „Св. Атанасиј“ во Лешани.

Општината информира дека е изградeн базен во Песочани, набавени се грејни тела за училиштето во Горенци и реконструирана е оградата на игралиштето во истото село. Уреден е и просторот пред здравствениот дом во Белчишта.

INFO