Доколку вработеноста на жените во Северна Македонија биде изедначена со онаа на мажите, тоа би донело дополнителни 2,5 милијарди евра или 15 отсто раст на БДП, покажуваат анализите на Виенскиот институт за интернационални економски студии, претставени на денешната национална конференција организирана од ХЕРА.
Конференцијата под мотото „Ти и јас во еден глас: Родовата еднаквост – наша заедничка мисија“ е завршен настан од проектот „Заедно за родова еднаквост“, реализиран со поддршка на Британската амбасада во Скопје.
Бранимир Јовановиќ, истражувач во Виенскиот институт, посочи дека економските разлики меѓу мажите и жените се значителни. Во Македонија, 53 отсто од мажите што можат да работат се вработени, наспроти само 38 отсто од жените. И платите се нееднакви – жените заработуваат во просек 16 отсто помалку од мажите за иста работа.
„Овој раст на БДП од 15 отсто е еднаков на економскиот пораст што државата го има постигнато во последните осум години – и тоа јасно покажува колку е родовата еднаквост економски значајна“, рече Јовановиќ.
Елизабета Божиноска, програмска директорка во ХЕРА, ги презентираше клучните наоди од пилотирањето на алатката РЕСИ за родова еднаквост и социјална инклузија во Законот за детска заштита. Таа подвлече дека подобрен пристап до градинки и згрижувачки услуги е критичен за активирање на жените на пазарот на труд.
Божиноска истакна и дека 93 отсто од граѓаните препознаваат дека постои родова нееднаквост, а 60 отсто веруваат дека родовата еднаквост е важна вредност во процесот на евроинтеграции.
Проф. д-р Милка Димитровска од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања ги презентираше ставовите на граѓаните, според кои жените се најобесправената група. Најчеста дискриминација се бележи во политиката, социјалните услуги и пазарот на труд. Иако 71 отсто од испитаниците сметаат дека и жените и мажите се подеднакво способни за секоја професија, стереотипите и понатаму се присутни – речиси половина од граѓаните мислат дека ризичните работи не се за жени, а 30 отсто сметаат дека негувателските професии не се за мажи.
Мери Терзиева, директорка на домот за стари лица „Идила Терзиева“, потенцираше дека зголемувањето на услугите за грижа за деца и стари лица е клучен предуслов за поголемо учество на жените на пазарот на трудот. Таа повика на континуитет во спроведувањето на мерките за родова еднаквост, кои често се прекинуваат со промените на институционалните приоритети.
Конференцијата заврши со заеднички повик за носење инклузивни политики базирани на реалните потреби на жените и за промена на јавните ставови, со цел постигнување трајна трансформација кон родово праведно општество.
Проектот „Заедно за родова еднаквост“ е финансиран од Владата на Обединетото Кралство преку Британската амбасада во Скопје. Мислењата и ставовите во оваа содржина не ги одразуваат нужно позициите на Британската Влада.