Пристигнаа првите Македонски државјани од Блискиот Исток, уште 600 чекаат враќање

Првата група македонски државјани кои беа евакуирани од Блискиот Исток пристигна безбедно во Скопје, додека во наредните денови се очекува враќање на уште повеќе од 600 лица кои побарале помош за напуштање на регионот поради ескалацијата на безбедносната ситуација.
Евакуацијата е организирана од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, во координација со дипломатско-конзуларните претставништва и надлежните институции. Дел од граѓаните биле транспортирани копнено до Египет, по што со владин авион биле префрлени во Скопје.

На скопскиот аеродром евакуираните граѓани биле пречекани од претставници на Министерството за надворешни работи, кои истакнаа дека операцијата била сложена и барала сериозна координација со амбасадите и дипломатските мисии во регионот.

Според последните информации, стотици македонски државјани сè уште се наоѓаат во земјите од Блискиот Исток, најмногу во Обединетите Арапски Емирати, Катар, Кувајт и Бахреин, а државата веќе организира нови чартер-летови за нивно безбедно враќање.

Од институциите информираат дека процесот на евакуација ќе продолжи во наредните денови, со цел сите македонски граѓани кои побарале помош да бидат безбедно вратени дома, додека дипломатските претставништва остануваат во постојан контакт со луѓето кои се наоѓаат во погодените области.

INFO