Солидарноста како заеднички идеал: колекцијата на МСУ – Скопје ја одушеви публиката во Љубљана

Во Модерна галерија + Музеј на современа уметност Метелкова (МГ+МСУМ) во Љубљана, Словенија синоќа беше отворена големата изложба „Ткаење светови: Колекции во разговор“ со уметнички дела од 87 автори од колекцијата на Музејот на современата уметност во Скопје (МСУ-Скопје). Изложбата ја отворија директорите на двата музеја, Мартина Вовк и Тихомир Топузовски. На отворањето присуствуваа и кураторите на изложбата: Ивана Васева, Благоја Варошанец, Ива Димовски, Владимир Јанчевски и Бојана Пишкур.

„Соработката со МСУ-Скопје е уште една можност за ткаење на заеднички патеки во современата уметност, засновани на заеднички идеали. Меѓу нив, особено значаен е идеалот за солидарност, кој е единствената солидна валута на нашата иднина и е веќе реализиран преку колекциите од оваа изложба“, рече Вовк на отворањето.

Топузовски во своето обраќање го истакна потенцијалот на соработката меѓу двете институции.

„Оваа изложба е основа од која ќе произлезат многу други заеднички проекти. Иако двата музеја имаат различни истории, тематски и концептуално тие се поврзани“, рече Топузовски.

Следен во низата заеднички проекти е презентација на дела од колекцијата „Arteast 2000+“ и

национални збирки на љубљанската Модерната галерија во МСУ-Скопје. Предвидено е изложбата да биде отворена наесен. „Ткаење светови: Колекции во разговор“ е дел од програмата од национален интерес на Министерството за култура и туризам на РС Македонија.

Изложбата е конципирана како конструктивен дијалог помеѓу две специфични колекции – колекцијата на солидарноста на МСУ-Скопје и колекцијата „Артист 2000+“ и националната колекција на Модерна галерија – Љубљана. Во „Ткаење светови: Две колекции во разговор“ се вклучени дела од 87 автори, од кои најмногу дела од РС Македонија и од речиси сите поранешни југословенски републики, дополнети со дела од уметници од Бразил, Полска, Боливија, Судан, Уругвај, Албанија, Јапонија, Јужноафриканска Република, Иран, Куба, Шпанија и од Романија.

INFO