Одговарајќи на новинарско прашање дали ќе биде упатена протестна нота, Муцунски истакна дека државата во минатото секогаш реагирала по соодветен дипломатски пат и дека дополнително ќе биде проценето кој механизам ќе се искористи во конкретниот случај, изразувајќи разочарување од постапката на земјата членка на Европската унија.
„Негативно изненаден како една земја членка на Европската унија се однесува кон еден наш граѓанин кој што имал една и единствена цел, а тоа е да штити права на група граѓани пред европските институции. И затоа, секако, ќе има соодветна реакција. Ние во минатото и со други наши соседи сме имале такви слични состојби. Секогаш сме реагирале по соодветен дипломатски пат, мерката и механизмот дополнително ќе ги процениме во рамките на институцијата, каква мерка и кој механизам ќе го искористиме што го имаме на располагање. Но јас не само што сум негативно изненаден, туку и длабоко разочаран од односот на една земја членка на Европската унија кон нашите граѓани“, изјави Муцунски.
На прашањето дали ќе биде побарана осуда од евроамбасадорот во земјава и реакција од Брисел, министерот нагласи дека приоритет е преземањето конкретни дејствија од страна на државата за заштита на интересите и правата на македонските граѓани.
„Клучно е кои дејствија ние како држава ќе ги преземеме. Затоа што, на крајот на денот, политичката осуда, јас и да ја дадам и да не ја дадам, факт е дека во 21 век се случува репресија врз еден човек само заради тоа што веројатно си ја вршел работата. Тој е адвокат. Една од примарните обврски на адвокатот е меѓу другото и да ги заштитува оние кои сметаат дека им се повредени човековите права. И не сакам да верувам дека Европската Унија, во која што посакуваме да станеме полноправна членка, ќе застане на страната на едни вакви ретроградни дејствија и механизми кои што доаѓаат од нашиот сосед. Дали некој ќе одлучи да осуди или не, е во доменот на неговото лично одлучување“, посочи Муцунски.
Адвокатот Тони Менкиновски, завчера на прес конференција информираше дека Бугарија му забранила влез до 2036 година, и оти во официјалниот документ што го добил пишувало дека наводно тој претставува закана за националната безбедност на Република Бугарија. Тој изрази сомневање дека ваквата мерка е директно поврзана со неговата работа како адвокат кој ги застапува Македонците во Бугарија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур и истакна оти обвинението е сериозно, но е донесено без конкретно образложение и без претходна правна постапка. Забраната му била врачена на 6 март при обид да влезе во Бугарија.