Универзитетското студентско собрание (УСС) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, ќе го поддржи најавениот протестен марш „Марш за ангелите” кој ќе се одржи утре, а поттикнат од трагедијата во Кочани, информираа денеска оттаму. Присуство на маршот најавија од Студентското пленумско движење.
„УСС ја дава својата јавна поддршка на протестниот марш „Марш за ангелите“, кој ќе се одржи утре, 29 април 2025 година, во Скопје, во организација на семејствата настрадани во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Протестот ќе започне пред Обвинителството во Скопје во 12:05 часот, време кое симболично ја означува задоцнетата реакција, па ќе продолжи кон плоштад, а потоа пред Собранието на Македонија. Како Универзитетското студентско собрание, сметаме дека е наша обврска, пред сè како граѓани, а потоа и како студентска заедница, да застанеме во знак на сочувство и поддршка кон оние кои претрпеа голема загуба и заедно да повикаме на одговорност и правда“, наведено е во соопштението од УСС.
Оттаму потенцираат дека го поддржуваат барањето за јасни одговори и за итно преземање на одговорност од страна на институциите.
„Ги повикуваме сите студенти, како и целата јавност, да се приклучат и достоинствено, но гласно, да испратиме порака дека Македонија заслужува подобро“, се наведува во дописот.
Поддршка и присуство утре на маршот најавија и од Студентското пленумско движење.
„Почитувани колеги и колешки, средношколци и студенти, утре во 12:05 часот, родителите на убиените деца во Кочани ќе протестираат во Скопје пред Јавното Обвинителство. Наша должност е да ја напуштиме наставата и да се приклучиме во знак на поддршка на родителити, чиј протест од ЈО ќе продолжи кон плоштадот и кон Собранието“, се вели во нивната објава.