20 март 2026 година, Скопје- Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во вчерашното интервју за Дневникот на Македонска радио-телевизија истакна дека во услови на глобална неизвесност се можни одредени корекции на буџетските проекции, но приоритет останува одржување на фискалната стабилност и заштита на стандардот на граѓаните.
Таа посочи дека Министерството за финансии е фокусирано на задржување на буџетскиот дефицит во рамки на планираното, а средствата ќе се насочуваат кон клучните приоритети – редовна исплата на плати, пензии и социјална помош.
„Но она што е фокус на Министерството за финансии е борбата да го одржиме буџетскиот дефицит толку колку што ни беше проектиран за оваа година. Секако во рамките на тоа да се испроектираат одредени заштеди таму каде што имаме простор и да се дадат таму каде што е приоритетно. Но морам да потенцирам дека секогаш приоритет ќе биде да се исплатат на време на платите, пензиите, социјалната помош, се она кое што е значајно за да се заштити стандардот на граѓаните“, истакна министерката.
Владата внимателно ги следи состојбите и ќе носи одлуки согласно развојот на кризата.
Министерката потенцираше дека неизвесноста околу времетраењето на кризата претставува клучен предизвик, со оглед дека сличен пристап имаат и другите влади, кои исто така постапуваат внимателно и условно.
„Факт е дека оваа година треба да сервисираме обврски од над две милијарди евра и тоа е нешто што мора да се направи навреме. Како и секое домаќинство, кога земате кредит – без разлика дали е станбен или потрошувачки – мора да го вратите. Доколку тоа не се направи, се нарушува кредитниот рејтинг и финансиската стабилност, и затоа воопшто не станува збор за опција да не се сервисираат обврските” кажа министерката.