Филмовите на Кустурица на програмата на Кинотеката

Во мај 2025 година Кинотеката ја претвора својата проекциска сала во вистинско светилиште на сликата, мислата и сеќавањето. Богатата и внимателно курирана програма ја слави моќта на филмот да размислува, сведочи, предизвикува и да возбудува.

Со акценти врз авторски поетики, политичка историја и философска рефлексија мајскиот репертоар претставува редок пример на културна програма, која истовремено е и уметничка прослава и интелектуална провокација.

Балканот и сонот: Емир Кустурица

Програмата почнува со два антологиски филма на Емир Кустурица – „Подземје“ и „Аризона дрим“, кои ја отелотворуваат неговата единствена авторска визија. „Подземје“ е епопеја за историјата на поранешна Југославија, раскажана како гротескен театар на апсурдот, каде што реалноста и илузијата коегзистираат во еден подземен лавиринт на заблуди. „Аризона дрим“, пак, е своевидна бајка за американскиот сон низ погледот на балканскиот емигрант, обоена со магичен реализам, иронија и меланхолија. Филмовите на Кустурица не се само приказни – тие се блуз, балада и политичка сатира во едно.

Ин мемориам: Џин Хекман

Во чест на неодамна починатиот Џин Хекман, Кинотеката приредува омаж со проекции на два негови незаборавни филма: „Разговорот“ на Френсис Форд Копола и „Непростено“ на Клинт Иствуд. Првиот го прикажува Хекман во улога на интровертен експерт за прислушување, фатен во мрежа на параноја и морална дилема, а вториот го претставува како насилен шериф што го преиспитува митот за херојството. Хекман останува синоним за актерска прецизност, длабочина и човечка кревкост.

Пазолини: Поетот на радикалното
Мајската програма вклучува и ретроспектива на култниот италијански режисер Пиер Паоло Пазолини, чија филмографија претставува постојан судир помеѓу поезијата и политиката, телесното и божественото, порокот и светоста. Неговите филмови сведочат за бескомпромисната борба против културната хомогенизација и буржоаската хипокризија.

INFO