Студентите и средошколците Димитриј Митковски, Елени Трпковска, Давид Маневски, Тимотеј Николовски и Марко Јанкулоски, создадоа робот т.н. Т.Е.А. (акорним за „The Explosive Ajvar“), кој може да пренесува вода и енергија. Со ова нивно дело, младите, во конкуренција со тимови од 190 земји, ќе се натпреваруваат во роботика на признат меѓународен натпревар во Панама, кој обединува тимови од целиот свет да се натпреваруваат во решавање на глобални инженерски и технолошки предизвици.
Македонскиот тим по роботика е составен од група млади иноватори, инженери и ентузијасти за роботика, кои делат заедничка страст за технологијата, иновациите и решавањето на глобални предизвици преку роботика и STEM.
Ментори на младите се инженерите Јаков Спировски и Ален Куљеван.
Натпреварот „Фрст глобал челинџ“ (First global challenge) се одржува секоја година во различен град низ светот. Домаќин на натпреварот бил Вашингтон, Дубаи, Женева. Секоја година натпреварот има различна тема поврзана со глобални проблеми и еколошки теми како обновлива енергија, климатски промени или вода за пиење. Тимовите добиваат идентичен сет на делови за изградба на робот и треба да најдат иновативен начин за извршување на задачите во натпреварот.
Како што велат претставници на македонскиот тим, целта е да се инспирираат млади инженери од Македонија да се занимаваат со роботика и технологии.
Македонскиот тим по роботика во 2022 година во Женева го освои третото место и бронзениот медал, а таа година темата беше „Јаглеродно неутрален свет“. Тимот учествувал и во Сингапур во 2023 година, а роботот „Т.Е.А.“ бил претставен во Атина лани.
Мета.мк разговараше со учесници од македонскиот тим по роботика, а во продолжение погледнете го видеото во кое учесници зборуваат за своите патешествија, визии и цели.