Венс пристигнува во Будимпешта во пресрет на изборите, Орбан губи поддршка во анкетите

Администрацијата на Трамп прави се што може за да го спаси својот најважен сојузник во Европа, пренесува Политико.

Потпретседателот Џеј-Ди Венс, во вторник треба да слета во Будимпешта што покажува дека Белата куќа е крајно подготвена да го поддржи премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, пред националните избори на 12 април. Орбан се соочува со слабеење на рејтингот, бидејќи  опозискиот кандидат Питер Маѓар, кој е остро против корупцијата во земјата, бележи раст во анкетите.

Посетата на Венс, закажана за вторник и среда, беше претставена од портпаролот на унгарската влада, Золтан Ковач, како прослава на значајните врски меѓу двете земји. „Посетата ја нагласува силната и трајна сојузничка врска меѓу Унгарија и САД“, напиша тој на Икс во петок.

Американскиот потпретседател ќе одржи разговори со Орбан, а потоа јавно ќе се обрати што укажува на директно вклучување во завршната фаза од напнатата изборна кампања.

Ова потсетува на минатогодишната интервенција во Аргентина, каде официјални лица на САД, вклучувајќи го и секретарот за финансии Скот Бесент, интервенираа за да го поддржат претседателот Хавиер Милеј пред националните избори, со цел да го одржат својот клучен идеолошки сојузник во силна позиција.

Во вториот мандат на Доналд Трамп, високите официјални лица на САД јасно тврдат дека Европа тргнува по погрешен политички пат и дека треба да се држат до примерот на национал-популистичкиот Орбан. Унгарскиот премиер често ја промовира својата визија за нелиберална демократија, спротиставувајќи се на Брисел за правецот на ЕУ во врска со миграцијата, Русија и правата на малцинствата.

Од друга страна, Маѓар предупреди дека посетата може да има услови, сугерирајќи на нетранспарентни воени договори и на можноста Вашингтон да постави услови во замена за својата поддршка.

„И источната и западната помош има цена“, рече тој, осврнувајќи се на извештаите каде се обелоденија контактите на Русија со високи функционери на Орбан, кои Маѓар ги опиша како подлабоки од она што се мислеше претходно.

Унгарскиот министер за надворешни работи, Питер Сијарто, токму оваа недела  призна дека бил во контакт со официјални лица во Москва додека министрите на ЕУ разгледувале нови санкции кон сојузниците на Кремљ, при што извештаите сугерираат дека Будимпешта се обидела да ги омекне мерките насочени кон руските елити и испораките на нафта.

INFO