Муцунски оствари средба со заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау во Вашингтон

Во текот на својата работна посета на Вашингтон, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски одржа значајна средба со заменик-државниот секретар Кристофер Ландау, во рамки на втората сесија од Стратешкиот дијалог меѓу двете земји.

Разговорите ја потврдија цврстата и сè поинтензивна соработка меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави, при што беше ставен акцент на заедничките приоритети: зачувување на регионалната стабилност, продлабочување на економските врски, унапредување на енергетскиот сектор, како и координацијата во рамки на НАТО.

Особено беше истакнато дека Северна Македонија е првата европска држава која успеала да реализира сесија од Стратешкиот дијалог со актуелната американска администрација, што, според соговорниците, претставува јасен показател за нивото на меѓусебна доверба и партнерство. Оваа средба беше оценета како важен чекор напред во градењето на уште посилни билатерални односи, засновани врз заеднички вредности како безбедност, слобода и демократски развој.

Во рамки на дискусијата, Муцунски и Ландау разменија ставови и за актуелните случувања на Западен Балкан, како и за напредокот на земјите од регионот кон Европската Унија. Притоа, беше нагласена клучната улога на САД како стабилизирачки фактор во регионот, како и потребата од нивно континуирано присуство и ангажман во поддршка на европската перспектива на Балканот.

INFO