Распишан е Конкурсот за Годишната награда на Народната банка за млади истражувачи, за најдобар труд од областа на макроекономијата и банките и банкарските системи. Крајниот рок за доставување на трудовите е 1 февруари 2025 година.
Сите заинтересирани млади истражувачи можат да поднесат свој труд, во согласност со условите и критериумите на јавниот повик достапен на овој линк.
Право на учество имаат сите државјани на земјава на возраст до 35 години, кои не се вработени во Народната банка и не се членови на Советот.
Авторите имаат право да конкурираат на Конкурсот за избор на најдобар труд и со труд што веќе бил објавен, но не пред 1 јануари 2023 година.
Трудовите се поднесуваат до Народната банка по електронски пат на е-адресата konkurs@nbrm.mk.
Годишната награда на Народната банка за прворангираниот труд изнесува 130.000 денари. Сепак, доколку Одборот за оценување процени дека второрангираниот труд е исто така со квалитет близок до прворангираниот, Народната банка информира оти може да додели и втора награда, во износ од 65.000,00 денари. По оцена на Одборот, може да биде доделена и само втора награда или воопшто да не биде доделена Годишната награда, доколку се утврди дека ниеден од трудовите не ги исполнува потребните услови.