Велигденска честитка од претседателката Сиљановска: Да го разбудиме духот на соборност и заедништво!

Во честитката до г.г. Стефан се вели дека во време на тешки општествени превирања, големи искушенија и силни и морални предизвици, мораме да истраеме во добродетелите, обединети околу вредностите на човекољубието, солидарноста и заемната почит.

„Во овие возвишени и благодатни денови, кога се открива тајната на животот како победа над смртта, а светлината торжествува над темнината, од срце Ви посакувам во Вашите домови да се вселат мирот, љубовта, здравјето и Божјиот дух.

Воскресението Христово е темел на христијанската вера, вечен извор на надеж и суштина на човековото постоење. Во него е содржана најдлабоката вистина за преобразбата дека преку жртвата, смирението и љубовта, човекот се издигнува и се приближува кон божественото.

Да ги отвориме срцата за ближните, да ја засилиме грижата за ранливите и да го разбудиме духот на соборност и заедништво.

Нека светлината на Христовото воскресение ни подари сила, мудрост и непоколеблива вера во доброто, како вечен принцип на човечката егзистенција. Христос воскресе! Навистина воскресе“, се вели во честитката до г.г. Стрефан од Гордана Сиљановска-Давкова.

Претседателката Суљановска упати честитка и до Емил Заев, претседателот на Црковното претставништво на Евангелско – методистичката црква.

„Дозволете ми, Вам и на сите припадници на Евангелско-методистичката црква, да Ви го честитам најголемиот христијански празник, Воскресение Христово – Велигден. Во овие светли и благословени денови, кога се радуваме на победата на животот над смртта и на надежта над стравот, Ви посакувам мир, здравје, љубов и семејна топлина во Вашите домови.

Велигден е симбол на нов почеток и духовна обнова. Празникот нè потсетува дека и во најтешките моменти постои излез, дека по секоја темнина доаѓа светлина и дека добрината и човечноста секогаш победуваат. Овој празник нè повикува да бидеме подобри, да се разбираме меѓусебно, да си помагаме и да се почитуваме.

Во време на тешки предизвици, мора да останеме сплотени околу вистинските вредности: мирот, солидарноста и хуманоста. Да ги отвориме срцата за ближните, да им даруваме радост на тажните, да шириме позитивна мисла и енергија. Нека Велигден го разбуди божественото во секој од нас! Христос воскресе! Навистина воскресе!“

INFO