ХРИСТОС ВОСКРЕСНА: Велигден ја носи пораката за победата на животот и новиот почеток

Со поздравот „Христос воскресе!“ денеска верниците го слават најголемиот христијански празник – Велигден, денот што ја симболизира победата на животот над смртта и суштината на христијанската вера.

Во сите православни храмови, точно на полноќ беше објавено Христовото воскресение, по што започнаа свечените литургии, на кои присуствуваа илјадници верници. Со запалени свеќи и молитви, тие ја дочекаа радосната вест која, според христијанското учење, го означува воскресението на Исус Христос на третиот ден по распнувањето.

Велигден се смета за „празник над празниците“ и централниот момент во христијанството, бидејќи токму воскресението ја потврдува верата во спасението и вечниот живот.

Празнувањето е длабоко поврзано со традицијата, која започнува уште во текот на Страсната седмица. Верниците се подготвуваат со пост, молитва и духовно прочистување, додека домаќинствата ги бојадисуваат првите велигденски јајца – најчесто во црвена боја, која ја симболизира Христовата крв и победата над смртта.

На самиот ден, луѓето се поздравуваат со „Христос воскресе“, на што се одговара „Навистина воскресе“, со што се потврдува верата и радоста од воскресението – обичај што се практикува со векови и останува жив до денес.

Покрај духовниот аспект, Велигден е и празник на семејството и заедништвото. Традиционално, по литургијата се собираат најблиските, се кршат велигденски јајца и се споделува празнична трпеза, симболизирајќи нов почеток, надеж и благослов.

Овој ден не е само религиозен празник, туку и силна порака дека и по најголемите страдања доаѓа светлина – порака што ги обединува луѓето ширум светот.

INFO