Васил Стерјовски го честиташе Денот на македонскиот јазик на изборен митинг во Албанија

„Почитувани пријатели, сакам да упатам честитка до македонската заедница по повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик и да порачам да го чуваме, негуваме и пренесуваме македонскиот јазик со љубов, гордост и достоинство“, рече Стерјовски, по што беше поздравен од илјадниците учесници на митингот.

Во обраќањето, тој на почеток се заблагодари на довербата да биде на кандидатката листа за округот Корча.

„Со срце полно благодарност, сакам да му се заблагодарам на премиерот Еди Рама и на политичкиот раководител на Социјалистичката партија за округот Корча,  Нико Пелеши, за довербата и поддршката што ми ја дадоа на претставувањето на македонската заедница на победничката листа на Социјалистичката партија во овој округ“, рече тој.

Се чувствувам длабоко почестен и привилегиран, додаде, што сум дел од овој визионерски тим, предводен од Влада што ја гледа иднината во Европската Унија, во развојот, вклученоста и еднаквоста за сите граѓани, без разлика.

„Тука сум за да претставувам една заедница со богата историја, со силни вредности и со значаен придонес во сите области од албанскиот општествен живот. Македонската заедница е мирољубива, трудољубива и горда на својот идентитет. Тоа е заедница што дала големи имиња како писателот Стерјо Спасе, човекот кој, иако со македонска националност, пишуваше за срцето и душата на Албанците и остави неизбришливи траги во нашата заедничка книжевност и култура“, нагласи Стерјовски.

Оцени дека денес, повеќе од кога било, на Албанија ѝ е потребно единство и визија.

„Членството во Европската Унија е наша заедничка цел – тоа е гаранцијата за подобар живот, за повеќе права, за повеќе можности, не само за албанските граѓани, туку и за заедниците како македонската, кои сè уште се соочуваат со предизвици, надворешни притисоци и обиди за асимилација. Европскиот пасош на Албанија ќе биде нашиот штит. Тој ќе биде гаранција дека никој нема да може да ни го негира јазикот, идентитетот и правото да бидеме свои. Тој ќе биде крајот на секој обид да нè поделат, да нè разединат, да нè асимилираат“, порача Стерјовски.

На 11 мај, посочи, македонската заедница во Преспа, во округот Корча и во цела Албанија ќе гласа за европска иднина, ќе гласа за развој, за еднаквост и за почит.

„Од новата влада што повторно ќе ја предводи премиерот Еди Рама, очекуваме повеќе инвестиции во подрачјата каде што живее македонската заедница во Преспа и насекаде,  во образованието, инфраструктурата, културата и руралниот развој“, рече Стерјовски во обраќањето на митингот.

Тој се наоѓа на отворената изборна листа на Социјалистичката партија, но како кандидат на македонската партија, МАЕИ и е единствен кандидат Македонец на изборите, што ќе се одржат на 11 мај.

На овие, 11-ти по ред парламентарни избори во плурална Албанија, социјалистите коалицираат единствено со Македонската партија.

 

INFO