Факултетот за ликовни уметности – Скопје информира дека ревијалната изложба поставена во Музејот на современата уметност, по повод 45-годишнината од основањето на факултетот, останува отворена за посетителите до 16 мај (четврток), 2025 година.
Изложбата, која беше отворена на 3 април, во рамките на централниот настан за одбележување на 45-годишниот јубилеј на ФЛУ, претставува резултат на долгогодишната заедничка соработка меѓу Факултетот за ликовни уметности и Музејот на современата уметност, со цел да се одбележи богатото наследство и креативниот придонес на факултетот во развојот на македонската и регионалната уметничка сцена. Поставката симболично го прикажува континуитетот и еволуцијата на уметничките изрази што се развиваа во текот на четири и половина децении.
Изложбата прикажува избор на 45 дела од 45 автори, од колекцијата на МСУ, како и дела во сопственост на уметниците – наставен кадар на ФЛУ, почнувајќи од неговото основање до денес. Преку внимателно селектирани дела и архивски материјали, изложбата нуди ретроспективен поглед врз речиси половина век дејствување на ФЛУ како носител на ликовното образование и уметничка мисла во земјата.
Овој избор има за цел да ја отслика разновидноста на уметничките практики и правците што се развивале низ годините, нагласувајќи го нивниот континуиран дијалог со современите текови во уметноста. Преку оваа изложба, посетителите имаат можност да ги согледаат промените во визуелниот јазик и концептуалните пристапи што ги обликувале уметниците поврзани со ФЛУ, но и поширокиот уметнички контекст во кој тие твореле. Таа е и можност за новите генерации да се запознаат со историјата на институцијата, но и со нејзината улога во обликување на иднината на уметноста кај нас.