Во Законот за пратеници, според предлогот, се бара дополнување на членот 2 со нова одредба, покрај другите постојни услови, како полнолетство, деловна способност и неосудуваност.
Пратеникот Антонијо Милошоски, кој е еден од предлагачите, смета дека треба се уредат условите за избор на пратеници и да се прецизираат критериумите за вршење на функцијата.
„Овој предлог на законот еднаш веќе бил предложен во 2021 година, но тогашната Влада на СДСМ и ДУИ не го поддржаа. Со предлогот се утврдуваат повисоки и построги критериуми за станување пратеник. При ова, клучно е што секој ќе мора да има само македонско државјанство. Ова ќе влезе во сила откако ќе биде изгласано, а ќе важи и за овој пратенички состав. Со тоа, оние пратеници што имаат две државјанства нема да можат да бидат пратеници. Со ова ќе се зголеми лојалноста и кон државата. Тоа ќе биде мотив и повод вака да постапат и другите институции во однос на условите за функционерите“, рече Милошоски за време на собраниската расправа.
Тој смета дека кога овие предлози ќе се усвојат, сите оние кои досега изјавувале дека пратеници на ВМРО-ДПМНЕ имаат двојно државјанство, ќе треба да се соочат со судска постапка за лажење и клеветиски.
Пратениците од владејачката партија ја предложија промената откако неодамна опозицискиот СДСМ ја прозва со прашањето: „Како гласаа функционерите на ВМРО-ОКГ на изборите во Бугарија?“
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, вчера најави дека тие ќе го поддржат предлогот пратениците да имаат само македонско државјанство.
„Не може да се обезбеди доказ дека некој има две државјанства. Ние ќе предложиме забраната за двојно државјанство да важи и за другите функционери, како и за актуелниот состав на Собранието“, рече Спасовски, кој потсети дека нашиот Устав дозволува граѓаните да имаат двојно државјанство.
Скендер Реџепи, пратеник од опозицискиот Европски фронт, предводен од ДУИ, рече дека тој е против ваквата законска промена.
„Ова е непочитување на Уставот, кој им дозволува на граѓаните да имаат две државјанства. Со тоа, ова ќе биде противуставен закон. Ова е и спротивно на практиката на земјите на Европската Унија, каде што е дозволено пратениците да имаат две државјанства. Оваа точка треба да се симне од дневен ред“, нагласи Реџепи.
И од ЛДП сметаат дека условот за едно државјанство треба да важи и за сите избрани и именувани функционери.
„Едно правило да важи за сите. Доста е од дволичност и од двојни стандарди. Критериумите и законите треба да важат за сите веднаш и без одлагање. Двојно државјанство не треба да имаат пратениците, министрите, директорите, јавните обвинители и судиите и тоа да важи за сегашните, ама да важи и за идните и тоа без одлагање“, изјави Александар Цветкоски од ЛДП.
Пратеници на ВМРО-ДПМНЕ ваква измена на Законот за пратеници предложија и во март 2021 година, кога беше во опозиција. Тогашниот предлог беше поднесен по објавата на поранешниот бугарски вицепремиер, Красимир Каракачанов, кој тврдеше дека македонски политичари од оваа партија имаат бугарски пасоши. ВМРО-ДПМНЕ тогаш ги демантираше овие тврдења и соопшти дека нејзините членови немаат бугарско државјанство.
Во земјите на Европската Унија, само во Бугарија и во Литванија постои забрана за кандидирање на лицата што имаат две државјанства за пратеници.