Николоски: Државата со сериозна динамика во реализација на инфраструктурните проекти

Вицепремиерот Александар Николоски изјави дека државата покажува капацитет за успешно водење и реализација на големи инфраструктурни проекти, посочувајќи дека за разлика од претходно заборавени проекти, сега се бележи интензивна динамика на терен.

Тој ова го истакна на работен состанок посветен на инфраструктурните проекти, организиран во соработка со Делегацијата на Европската Унија, на кој учествуваа и претставници од меѓународни финансиски институции, како и раководствата на железничките претпријатија и ЈП за државни патишта.

Николоски нагласи дека само во Коридорот 8 се инвестираат околу 5 милијарди евра во патна и железничка инфраструктура, при што дел од проектите веќе се реализираат, а други се во фаза на подготовка или тендерска постапка.

„Проектите се реализираат со добра динамика, а најавуваме и нови инвестиции и целосна доизградба и модернизација на коридорот“, рече тој.

Тој посочи дека веќе се реализирани и пуштени во употреба неколку делници, меѓу кои обиколницата кај Крива Паланка и експресниот пат Страцин – Крива Паланка, а се работи и на автопатските делници Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани и Охрид – Кичево.

Во делот на железничката инфраструктура, Николоски најави дека наскоро ќе биде распишан тендер за изградба на третата фаза од пругата кон Бугарија, од Крива Паланка до заедничкиот тунел, при што очекува активностите да започнат во текот на летото.

INFO MAK