Најнова премиера во Битолскиот театар „Секстет“ во режија на Марјан Георгиевски

По повод најновата премиера, трета по ред дел од годишната програма за 2026 година, со наслов „Секстет“ од Марк Камолети, во режија на Марјан Георгиевски, се одржа прес-конференција во Битолскиот театар.

Премиерата ќе се изведе на 25 април и е потполно распродадена, а првата изведба веднаш после тоа е на 27 април, со почеток од 20 часот.

Режисерот Марјан Георгиевски истакна:

„Како млади вљубеници во театарот го гледавме тој жанр на претстави и можеби ни беа и првиот контакт со театарот и првото чувство дека еве се случува некаква игра и сакаме и ние тоа да го правиме. Но низ годините, работевме друг тип на претстави кој навистина беше поинаков и решивме да направиме водвиљ кој што како генерација ние не го доживеавме искуствено на сцена и навистина беше едно големо задоволство и голема возбуда да се нафатиме на тој подвиг. Комедијата не се поставува многу често, затоа што е една пеколна работа, многу тешка. На публиката и делува ека сето тоа се случува многу лесно и едноставно, но но тоа не е така. Јас пред се сум актер, но исто така и режисер и ми беше голем предизвик да се впуштам во еден ваков процес и размислував многу околу тоа која ќе биде екипата која што ќе влезе во овој процес“.

Претставата е адаптација по делото на Марк Камолети, „Не се дотерувај за вечера“.

„Затоа што Камолети е еден од најпоставуваните автори на водвиљи, поставуван е во над педесет и пет земји и се игра низ годините. Еден сериозен мајстор во пишувањето на комедијата. Секоја реплика е предвидена, секое дејствие што се случува во самата драма има зошто и има како. И едвај чекаме да се сретнеме со публиката, затоа што ова е претстава за публика. И сигурно се прашуваме исто така зошто комедија денес? Затоа што секојдневно се случуваат најразлични работи во светот. Постојано живееме во стравови и постојано живееме во различни турбуленции, премногу стрес во ова денешно време. Добро е да имаме една претстава која што ќе ни дозволи малку да избегаме од целото тоа секојдневие, да земеме воздух и да се посмееме“, додава Георгиевски.

Во претставата играат: Бернар -Николче Пројчевски, Жаклина-Катерина Аневска Дранговска, Роберт -Александар Димитровски, Сузан-Сандра Грибовска Илиевска, Сузет -Марија Цветановска, Џорџ-Борче Ѓаковски.

INFO MAK