Експерти за управување со отпад од Шведска работеа со општините и комуналните претпријатија од Југозападниот и Пелагонискиот регион од Битола, Прилеп, Новаци, Охрид, Кичево и Пласница на едукација за регионални системи за управување со отпад со посебен фокус на воспоставување и функционирање на собирни центри за селекција на отпад, како важен дел од овие системи.
Експертите од Шведска, кои се со повеќегодишно искуство со планирање, изградба и управување со собирни центри за отпад, преку практични примери им го презентираа на учесниците шведскиот модел на функционирање на собирните центри, вклучувајќи аспекти како проектирање на центрите, логистика, капацитети и ресурси потребни за соодветно функционирање, како и важноста на соработката и комуникацијата со јавноста. На работилницата беше развиена платформа за размена на знаење и добри практики и презентација на конкретни чекори за подобрување на инфраструктурата за собирање отпад во општините вклучени во проектот.
„Воспоставувањето на собирните центри за селекција на отпад е начин како да се обезбедат подобри услуги за граѓаните, олеснување на процесот за одлагање на отпад и исполнување на законската обврска да се има еден ваков центар на секои 30.000 жители. Воедно, собирните центри ќе обезбедат намалување на нелегалното и неконтролирано расфрлање отпад на нестандардни локации, односно ќе овозможи намалување на количината отпад што завршува на депонија и ќе ги поттикне граѓаните поактивно да се вклучат во негова селекција“, беше посочено на работилницата организирана од Салар Интернационал.
Собирните центри се дел од регионалниот систем за управување со отпад кој е еден од најзначајните инфраструктурни зафати за земјава со кој ќе треба да се затворат постоечките нестандардни општински депонии и ѓубришта, да се поттикне селекцијата и изградбата на модерни собирни центри за отпад.