Тропар
Под сенката на Марко евангелистот благодатта Христова ги исправи стапките на животот твој, о епископе Анијане, и душа ти освети Евангелието да се рашири. Спомни си за нас, пастиру свети, од небесните висини.
Кога Св. Марко стапна од коработ на копното на Александрија, обувката на едната нога му се расцепи. Тогаш виде еден чевлар и му ја даде на поправка. Шиејќи чевларот си ја прободе со шилото левата рака и почна да му тече крв, а тој јачеше од болка. Тогаш Божјиот апостол замеси прав со својата плунка и ја намачка ранетата рака на чевларот, која со ова веднаш стана здрава. Чевларот се восхити од ова чудо и го покани Марко во својот дом. Кога ја слушна проповедта на апостолот, Анијан (така му беше името), се крсти тој и сиот негов дом. Свети Анијан покажуваше толкаво благочестие и ревност за Божјото дело, што Св. Марко го ракоположи за епископ. И овој свет човек беше вториот епископ на александриската Црква.