Средба со четворица литературни автори од Куманово на настанот „Нашето поетско ехо“ во Македонскиот КИЦ во Софија

На 24 април, петок, со почеток од 18:30 часот, во Македонскиот КИЦ во Софија ќе се одржи литературна средба „Нашето поетско ехо“, на која ќе биде претставено поетското творештво на четворица автори од Куманово, тоа се: Селајдин Шабани, Сунај Раими, Севдаиљ Демири и Емрах Билали.

Преку проектот „Нашето поетско ехо“, кој ќе се реализира во Софија, со поддршка на Министерството за култура и туризам на Р.С. Македонија, ќе биде претставено творештвото на четворица албански автори од Куманово, членови на Клубот на писатели „Јехона е Карадакут“ („Ехо на Карадак“), познати по својата уметничка индивидуалност: Селајдин Шабани, Сунај Раими, Севдаиљ Демири и Емрах Билали.

Секој од нив носи уникатен поетски глас, искуство и инспирација што произлегуваат од нашата реалност, исполнета со сеќавање, идентитет и универзални човечки вредности. Преку поетски читања и разговори со публиката, овој проект ќе создаде жива атмосфера на литературна и културна интеракција.

Овој проект произлегува од уверувањето дека културата е најсилниот мост што ги поврзува луѓето надвор од јазиците и политиките, а поезијата е најискрениот амбасадор на духот на еден народ. Во Европа која постојано бара дијалог и разбирање, зборовите на нашите поети ќе бидат како светлина што ги осветлува патиштата на блискоста и меѓукултурната почит.

Преку оваа манифестација се очекува учесниците да воспостават нови врски со бугарски поети, преведувачи и издавачи, поставувајќи темели за нови преводи, заеднички антологии и долгорочни соработки. Ова ќе овозможи албанската литература од Северна Македонија да го најде своето заслужено место во балканскиот и европскиот културен мозаик.

Селајдин Шабани (поет, публицист и наставник) е роден на 29 септември 1969 година во селото Руница, Кумановско. Основното и средното образование ги завршил во Куманово и Гнилане, додека Филолошкиот факултет, на насоката Албанска книжевност и јазик, го завршил во Приштина.

Повеќе од една деценија работел во Радио Скопје, а две години и во Телевизија на Македонија, во програмите на албански јазик. Во истиот период паралелно работел и во весниците „Флака“, „Коха Диторе“ (издание во Македонија), „Лајм“ – Македонија/Косово, како и во најново време во весникот „Шќип“.

Долги години работи како наставник по албански јазик и книжевност во ООУ „Наим Фрашери“ во Куманово.

INFO MAK