Во Скопје денеска се одржува настан посветен на Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, во организација на Советот за безбедност и здравје при работа, со поддршка од проектот „Кон безбедна и здрава работна средина во Македонија“.
Настанот ја става во фокус потребата од посериозен пристап кон условите на работното место, преку иницијатива што има амбиција да ја намали стапката на повреди и професионални заболувања. Проектот, кој го спроведува Меѓународната организација на трудот со финансиска поддршка од Европската Унија, се протега до октомври 2028 година и предвидува низа системски подобрувања во оваа област.
Меѓу клучните цели се зајакнување на законската рамка, модернизирање на трудовата инспекција и воспоставување современ национален информативен систем за безбедност и здравје при работа. Паралелно, се работи и на унапредување на институционалните капацитети, со цел да се создаде поефикасен и превентивен пристап кон заштитата на работниците.
Проектот ја нагласува и пошироката општествена димензија на темата „Безбедната работна средина како основа за достоинствен труд, поголема продуктивност и долгорочен економски развој“. Во таа насока се испраќа порака за поголема јавна свест и одговорност кај сите чинители.
На настанот учествуваат претставници од државните институции, Европската Унија, МОТ, како и претставници на работодавачите, синдикатите и Советот за безбедност и здравје при работа.
Програмата опфаќа и стручни дискусии и работилница, со посебен акцент на психосоцијалните предизвици на современото работно место: од стресот и менталното здравје, до потребата за градење поздрави и поодржливи работни средини.
…