Законот е подготвен и претседателот на СДСМ, Венко Филипче изрази намера во наредните денови лично да разговара со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и од другите партии за поддршка на овој закон, кој е во интерес на семејствата, а не во политички интере
„Предлог-законот за поддршка на настраданите од трагедијата во Кочани и за членовите на нивните семејства го поднесовме затоа што сметаме дека мора да се покаже солидарност и да им се даде поддршка“, рече пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, на гостувањето во Дневникот на Сител телевизија.
Тој појасни дека станува збор за законско решение што ќе ги дефинира сите форми на поддршка – здравствена, социјална, психосоцијална и друга.
„Во вакви моменти мора да покажеме солидарност, визија и да им дадеме до знаење на граѓаните дека имаат на кого да се потпрат“, рече Спасовски и повика на заемна соработка на сите политички партии за да се усвои ова законско решение.
Спасовски се осврна и на истрагата за трагедијата која треба да биде транспарентна и неселективна и да лоцира одговорност кај сите.
„Обвинителството треба да ја води истрагата, а МВР треба да соработува и да ги преземе сите потребни активности. Очекуваме транспарентна и неселективна истрага и одговорност за сите инволвирани“, истакна Спасовски.
Тој додаде дека за жал и по несреќата се бележат негативни безбедносни трендови, инциденти и институционални пропусти, потенцирајќи дека граѓаните очекуваат системски промени.
На ваквата иницијатива од СДСМ, од ВМРО-ДПМНЕ возвраќаат дека „нема полицемерно од тоа СДС и Филипче да поднесат закон за Кочани, затоа што тоа е исто како да поднесат закон за модуларната болница во Тетово или за враќање на името“.
„Поднесување на предлог закон за настраданите во Кочани, не е ништо друго, освен исмевање на народот во очи.
До каде може да оди апсурдот и лицемерието на СДС и Филипче, што е следно? Дали е следно СДС и Филипче да поднесат и закон за враќање на името, закон за Модуларната, или пак закон за Онкологија, за пациентите кои ги оставија со вода место со лек?
Можеби, пак, на Филипче и СДС ќе им текне да поднесат и закон за потекло на имотот на Зоран Заев, или пак закон за поништување на последните измени на Кривичниот закон, со помош на кои се спасија од прогон.
Со ова, СДС и Венко Филипче уште еднаш покажаа и докажаа дека кај нив ништо не е сменето. Таму сè уште останува истиот лицемерен пристап и матрица на потценување и исмевање на граѓаните.
Тоа е истата онаа партија и во неа се истите луѓе кои сменија име, беа причина за Беса транс, Ласкарци, модуларната, Онкологија и десетици други трагедии, а за истите ниту чувствуваа никаква вина и грижа на совест, ниту пак за истите понесоа никаква одговорност.
СДС и Филипче не се, и не можат да бидат решението, затоа што тие се проблемот.
СДС и Венко Филипче остануваат синоним на лицемерието, неспособноста, на криминал и предавства“, одговараат од ВМРО – ДПМНЕ на иницијативата на опозицијата за закон за финансиски надомест за семејствата од настраданите во Кочани.