Вчера Таравари изјави дека довербата меѓу нив и нивните владини партнери е во тажна состојба и дека би било подобро за нив да преминат во опозиција. Таравари негираше дека има какви било планови да се приклучи на коалицијата на ДУИ, Европски фронт. Тој рече дека на локалните избори ќе оди со посебни листи за општински советници, дека според неговото верување Алијанса за Албанците треба да биде во опозиција и да се обиде да ја направи трката колку што е можно подобра, да се организира преку штабови и ограноци и да се обиде да освои колку е можно повеќе.
„Минатата година побаравме поддршка, за да донесеме промени. Но оваа промена, што ја имаме, не е промената што ја очекуваа Албанците. Тоа е неоспорен факт. Владата некако се изгуби на патот кон ЕУ“, изјави Таравари.
Тој требаше да биде доблесен, а не да ги влече за нос Владата и граѓание, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Според него одлуката на Таравари да соработува со оние кои ја пустошеа Македонија е само негова и на неколкумина околу него, а не и на членството на Алијанса за Албанците.
„Јас можам само да му посакам среќа и се надевам дека ќе имаме една завршна средба во текот на следната недела на која што ќе сумираме што е тоа што е тоа што е направено и да му посакам пред сѐ добро здравје, тоа е она што на сите нас ни е најважно. Можам да кажам дека најмалку од сѐ што очекував е да се врати назад во прегратките на Али Ахмети и останатите. Но тоа е сепак негова одлука и убеден сум одлука на малкумина и дека тоа не е одлука на членството на Алијанса за Албанците и на голем дел од луѓето кои што се дел од оваа Влада. Чесно беше и доблесно самиот тоа да го направи, да не ја влече Владата за нос и граѓаните“, изјави Мицкоски.
Останува отворено прашањето дали сите петмина пратеници на АА ќе ја поддржат неговата одлуката на Таравари. Вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи веќе се изјасни дека е против ваквата одлука на Таравари.
Мицкоски вели што и да биде, тоа нема да влијае врз стабилноста на Владата.
„Владата е стабилна цврста, има силно мнозинство во Собранието да продолжи со реформскиот процес, процесот на проекти, испорака за граѓаните, тоа што граѓаните го очекуваат од нас. Владата има близу две третини поддршка во Парламентот и Владата е посветена само на една работа, а тоа е проекти, реформи и одлучна борба против криминалците, корупцијата, за жал против на кои им се приклучува Таравари“, изјави Мицкоски.
Вчера се јави и лидерот на ДУИ Али Ахмети кој најави политички земјотрес ако има измени во Законот за јазици и ако има обвинение против поранешниот министер за економија Крешник Бектеши за трагедијата во Кочани.
Според Мицкоски тоа што надлежните се справуваат со криминалите од претходните две децении, не е удар врз правата на Албанците.
„Тоа е задирање и борба со криминалцит, се надевам дека тој не се идентификува со нив, а ако се идентификува со нив, тогаш и тој треба да чека еден тие што се борат против овие криминалци да му тропне на врата и нему. Затоа јас би го советувал да не се идентификува со луѓе за кои што постои основано сомневање дека сториле криминал. Впрочем истите оние обвинители и судии кои што беа бирани од мнозинството на СДСМ и ДУИ се истите оние кои што покренуваат обвиненија против поранешни високи функцери од ДУИ“, рече Мицкоски.
И од коалицијата Вреди вчера му реплицираа на Ахмети – „земјотресот се случи на 8 мај, промената започна, нема да запре“.
„Вистинскиот земјотрес се случи на 8 мај кога гласовите на Албанците ја соборија ДУИ од власт по 20 години неуспех, изолација и заробување на државата. Ова беше демократски, чист и моќен земјотрес што ја донесе промената за која работевме заедно со граѓаните… Не сме тука да предизвикуваме ‘медиумски земјотреси’, туку да изградиме функционални институции, да ја вратиме довербата во државата и да го ослободиме потенцијалот на младите луѓе, жените и сите Албанци во Северна Македонија. Сега ги отстрануваме и чистиме урнатините од неуспешната влада на ДУИ“, соопшти Вреди.