Global Azure е најголемата светска иницијатива посветена на Microsoft Azure технологиите, која се одржува во повеќе од 100 градови низ целиот свет. Оваа година, глобалните настани се одржаа во периодот од 8 до 10 мај 2025 година, обединувајќи технолошки ентузијасти и професионалци во заедничко учење и споделување знаење.
Оваа година организаторот одлучи настанот да вклучува хуманитарена димензија, со цел да помогнеме на оние кои беа погодени од неодамнешната трагедија во Кочани.
Македонската ИТ заедница е подготвена да се мобилизира за добри цели. Настанот започна со едноминутно молчење за жртвите на трагичниот пожар во Кочани.
Во текот на настанот, посетителите имаа можност да проследат вкупно 6 сесии во рамките на еден трак, сите одржани на Македонски јазик во амфитеатарот на InnoX иновативниот центар. Предавањата беа фокусирани на најновите достигнувања во Microsoft Azure сервисите и нивната примена во бизнис и технолошки решенија. Сесиите од настанот може да се проследат на Јутуб.
Кампањата за собирање донации, која е активна до 18 мај 2025 година, ќе ги пренасочи сите собрани средства кон иницијативата SupportKocani, која ќе обезбеди дека помошта ќе стигне до оние на кои им е најпотребна.
“Горди сме што можеме да ја искористиме нашата платформа за да направиме позитивна промена во заедницата. Ги повикуваме сите кои се во можност да се придружат на нашата иницијатива и да донираат за настраданите семејства од Кочани“, додаваат организаторите.