Тропар
Главите наши денес пред вас ги приклонуваме, о свети маченици Тимотее и Мавро, за по вашите молитви да измолиме милост голема, од Оној Кој во маките ви беше утеха, надеж во животот и пат кон вечноста.
Судбината на овие прекрасни маченици, женик и невеста, е чудна. Дваесет дена по венчавката беа изведени на суд заради верата во Христос пред Тиавидскиот намесник Аријан, во времето на царот Диоклецијан. Тимотеј беше чтец во црквата во неговиот роден крај. „Кој си ти?“, го праша намесникот. Тимотеј одговори: „Јас сум христијанин и чтец на Црквата Божја.“ Оној пак му рече: „Не ги гледаш ли до тебе приготвените справи за мачење?“ Тимотеј одговори: „И ти не ги гледаш Божјите ангели што ме крепат“. По многубројни долги маки, на коишто брзо би подлегнале да не ги крепеше благодатта Божја, обајцата беа распнати на крст еден кон друг. Висејќи на крстовите останаа живи цели девет дена, советувајќи се и крепејќи се еден со друг во трпењето. Десеттиот ден Му го предадоа својот дух на Господ, за Кого претрпеа крсна смрт, со што се удостоија за Неговото Царство. Чесно пострадаа за Христа во 286 година.