Независниот академски синдикат на третиот редовен конгрес избра ново раководство

Денеска на Факултетот за драмски уметности се одржа Третиот редовен Конгрес на Независниот академски синдикат, на кој се избра новото раководство на синдикатот.

Конгресот го отвори проф. д-р Виктор Стефов од Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

На Конгресот за претседател на синдикатот се избра проф. д-р Драгор Заревски, од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје.

Со поздравни обраќања се обратија проф. д-р Тоше Арсов од Синдикатот на образованието и науката (СОНК) и од проф. д-р Шефкет Дехари од Синдикатот на вработените на Универзитетот во Тетово, кои ја потенцираа соработката со НАкС и потребата од зголемено синдикално организирање како предуслов за унапредување на состојбите во образованието и науката, како и овозможување подобра заштита на правата на вработените.

На конгресот се презентираше извештајот за работата на синдикатот за периодот 2020-2024 година. Меѓу најзначајните резултати на работата на синдикатот во минатиот период е потпишувањето на Колективниот договор за високо образование и наука во соработка со СОНК, кога за прв пат со колективен договор се регулираа правата и обврските на вработените во високото образование и науката. Покрај тоа, синдикатот се фокусираше на спроведувањe на проекти и истражувања кои ги анализираа квалитетот на високото образование, влијанието на академската заедница во јавноста, како и финансирањето на високото образование и науката.

Во фокус на идните активности на НАкС ќе бидат заштитата на социо-економската положба на вработените, зачувување и унапредување на универзитетската автономија, заштитата на правата на вработените, зголемување на членството и капацитетите на синдикатот, како и поттикнување на соработката со партнери од државата и странство.

На конгресот беа избрани и новите членови на Советот, Надзорниот одбор и Статутарната комисија на НАкС. Независниот академски синдикат е формиран на 29 октомври 2016 година, кога за прв претседател беше избрана проф. м-р Маја Стевановиќ, а во 2020 година, за претседател беше избрана проф. д-р Елена Џукеска.

INFO