Милевски: Ја остваривме најважната цел

Македонската фудбалска репрезентација го продолжи напредокот во Лигата на нациите и стана четвртата селекција што ќе игра во лигата Б откако настапите во тоа натпреварување ги почнала во лигата Д. Црвено-жолтите завчера ја победија Летонија во Скопје, со 1-0, во петтото коло на групата 4 во лигата Ц, ги обезбедија првото место во групата и пласманот еден ранг погоре за следното издание на Лигата на нациите, во кое Македонија ќе игра за влез во најсилната, лигата А.
– Им честитам на фудбалерите за трпението и за решителноста, стигнавме до тешка, но, сепак, заслужена победа. Ја остваривме најважната цел, а тоа е пласман во Б-дивизијата. Знаев дека ова ќе биде различен натпревар од тој во Рига, но стигнавме до победата, иако можеби требаше да постигнеме уште некој гол, за порано да ја потврдиме. Тешко е напаѓачите да дојдат до израз кога играте против екипа со толку густа одбрана – изјави селекторот Благоја Милевски, пренесе Фудбалската федерација на Македонија.
Македонија во Лигата на нациите почна од лигата Д, во сезоната 2018/2019, а потоа во следните три сезони играше во лигата Ц. Претходно ваков прогрес од лигата Д до лигата Б направија Ерменија (во првата сезона играше во лигата Д, во втората во Ц, а во третата во Б), Казахстан (прво во лигата Д, потоа две сезони во Ц и сега настапува во лигата Б) и Грузија (во првата сезона во лигата Д, во втората и во третата во Ц и во четвртата сезона во лигата Б).
Со првото место во групата Македонија влезе и во кругот потенцијални учесници во плејофот за пласман на Светското првенство (СП) во 2026 година, каде што ќе играат четири од 14-те селекции што ќе победат во своите групи во лигите А, Б, Ц и Д на Лигата на нациите.За македонската селекција претстои уште еден натпревар во групата 4, утре (од 15 часот) со Фарски Острови во Скопје, меч во кој Македонија може да израмни два рекорда. Со три бода црвено-жолтите ќе го израмнат рекордот на Грузија за најмногу освоени бодови во групната фаза на Лигата на нациите, 16, а истовремено ќе го израмнат рекордот што го држи исто така Грузија за најголема бодовна разлика на победник на група пред второпласирана селекција, од 10 бода. Во моментов Македонија има седум бода повеќе од Фарски Острови и по девет од Ерменија и од Летонија.
Во лигата А, Италија и Франција им придружија на Германија и на Шпанија во четврт-финалето на Лигата на нациите, откако ги обезбедија првите две места во групата 2. Италија и Франција утре во меѓусебен меч ќе решат кој ќе го освои првото место (на Италија доволно ѝ е и реми), а со тоа и место меѓу носителите при ждрепката за четврт-финалето и обезбеден влез во плејофот за пласман на Светското првенство. Шпанија и Франција се победници на претходните две изданија на Лигата на нациите, а во првото славеше Португалија.

INFO