„Црно семе“ на Битолскиот театар во официјална програма на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Претставата во продукција на Битолскиот театар, „Црно семе“ од Ташко Георгиевски, во режија на Андреј Цветановски, е дел од официјалната програма на 59. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

Истата ќе се изведе на 07.06 во сабота, со почеток од 19 часот.

Одлуката да се постави култниот роман на Георгиевски на сцената на Битолскиот театар го покажува потребниот однос кон сопствената традиција и посвета на трагичната судбина на македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија. Трауматичната приказна на Македонците затворени на еден пуст остров во Егејското Море, овој пат низ драматизацијата на Јелена Цветановска и режијата на Андреј Цветановски, е прикажана на мошне сликовит и сценичен начин, особено со ефективната актерска игра на целиот ансамбл вклучен во претставата.

Актерите покажуваат на кој начин може да се покаже трагичната судбина без нагласена патетика, намерно прикажувајќи ја и интимната и суптилна страна на поединечните човечки судбини. Човекот, неговото интимно страдање во однос на политичкиот контекст овде ја прикажува храбрата слика на сплотувањето во колективното и резултатот на личната борба наспроти општествената.

Може да се заклучи дека претставата нуди една емотивно внимателна вивисекција на страдањето создавајќи моќна театарска слика.

Во претставата играат: Мартин Мирчевски, Огнен Дранговски, Васко Мавровски, Никола Стефанов, Никола Пројчевски, Петар Горко, Борче Ѓаковски, Александар Стефановски, Александар Димитровски, Александар Копања, Марија Цветановска, Петар Спировски, Живко Борисовски, Хари Михајловски. Драматизацијата е на Јелена Цветановска, сценограф Сергеј Светозарев, костимограф Благој Мицевски, музика Димитар Андоновски, кореограф Дамјан Цветановски. Учествуваат и 4 млади момци од КУД Илинден: Давид Балтовски, Филип Стефановски, Виктор Крстевски и Александар Ѓорѓиовски. Покрај авторската музика на Андоновски, се користи и композицијата „Бело море“ од Мизар и хорот Хармосини од албумот „Детето и белото море“.

INFO