Седум лица хоспитализирани со западнонилска треска, двајца пациенти се борат за живот на Инфективна клиника

Двајца пациенти заразени со западнонилска треска се во критична состојба и се приклучени на механичка вентилација на одделот за интензивно лекување на Клиниката за инфективни болести, информираше директорот на клиниката, д-р Фадил Цана.

Станува збор за пациенти на возраст од 76 и 66 години, од вкупно седум лица кај кои досега е потврдена инфекцијата со вирусот Западен Нил. Според лекарите, нивната состојба се влошила по приемот во болница и по проценка на медицинскиот тим биле поставени на респираторна поддршка.

Дополнително, за уште тројца пациенти кои се примени со симптоми на акутно воспаление на мозокот и мозочната обвивка, се очекуваат резултати од лабораториските анализи на Институтот за јавно здравје.

Сите потврдени случаи се од подрачја во Скопје, а само еден од пациентите имал патување во Грција. Тројцата за кои се вршат дополнителни испитувања, исто така, се од главниот град.

Д-р Цана посочи дека повеќето пациенти се постари од 60 години и имаат повеќе хронични заболувања, што ги става во групата со поголем ризик од развој на потешка форма на болеста.

„Оваа возрасна група е изложена на најтешката инвазивна форма на вирусот. Останатите пациенти се стабилни и се лекуваат според современи медицински протоколи“, изјави Цана.

Тој објасни дека кај западнонилската треска може да дојде до нагло влошување на состојбата и кај пациенти кои првично се примени во постабилна состојба, поради што е потребно постојано следење и медицински надзор.

INFO MAK