Жителите на истокот ќе добијат подобра патна врска

Избрана е трасата за експресниот пат што треба да ги поврзе Кочани, Виница и Делчево, со клучка за Македонска Каменица. Поставувањето камен-темелник се очекува кон крајот на летото или на почетокот на есента во 2027 година, доколку подготовките се одвиваат според очекувањата.

Ова го најави премиерот Христијан Мицкоски за време на посетата на Делчево. Тој рече дека по јавната расправа била избрана една од двете разгледувани варијанти за трасата, а апликацијата за проектот веќе била поднесена пред меѓународните финансиски институции.

Во тек се изработката на студијата за изводливост и еколошката студија, а се водат и разговори со потенцијални финансиери.

„Јас и вицепремиерот и министер за транспорт го претставивме проектот пред Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој. Апликацијата е веќе поднесена“, изјави Мицкоски.

Според премиерот, студиите и концептите за избраната варијанта би требало да бидат завршени напролет, доколку сè се одвива според планираното. Потоа, очекувањето е камен-темелникот да биде поставен кон крајот на летото или на почетокот на есента во 2027 година.

Мицкоски оцени дека со проектот значително ќе се подобри поврзаноста на жителите од овој дел на Македонија со останатите делови од државата.

За време на посетата тој најави и други инфраструктурни зафати во регионот. Од понеделник, според најавата, треба да почне реконструкцијата на патниот правец од Делчево до граничниот премин со Бугарија.