Во меѓувреме, Македонскиот национален совет во Србија ги отфрли обвинувањата дека најавениот споменик „Мајка Македонија“ во Нови Сад носи политичка или територијална порака, откако претставници на грчката заедница во Србија побараа иницијативата да биде преиспитана, а една грчка партија ја оцени како „директна провокација“.
Споменикот е предложен по повод 80 години од организираното доселување на Македонците во Војводина и според иницијаторите, треба да го одбележи нивниот придонес во развојот на Нови Сад, Војводина и Србија. Иницијативата до градското собрание била поднесена на 3 август.
„За Македонците ширум светот, без оглед на тоа во која држава денес живеат, овој симбол претставува сеќавање на корените, традицијата и културното наследство“, соопшти Македонскиот национален совет. Оттаму нагласуваат дека споменикот е замислен како симбол на потеклото и културниот идентитет, а не како оспорување на историското наследство на други народи.
Реакцијата следуваше откако Граѓанската партија на Грците во Србија побара од властите во Нови Сад да го запрат процесот, оценувајќи дека називот „Мајка Македонија“ претставува провокација кон Грција. Одделно, Националниот совет на грчкото национално малцинство побара пред конечната одлука да бидат консултирани историски и политички институции, оценувајќи дека името може да предизвика нови историски спорови на Балканот.
Македонскиот совет одговори дека зачувувањето на идентитетот на една национална заедница не може да претставува закана за друга и дека културните симболи треба да бидат „мостови на меѓусебно почитување, разбирање и дијалог“.
За иницијативата сега треба дополнително да се произнесат ЈП „Урбанизам“ и Заводот за заштита на спомениците на културата во Нови Сад, пред градските власти да донесат конечна одлука.
Во контекст на целиот случај со иницијативата за споменик во чест на Македонците во Војводина, од Светскиот македонски конгрес реагираат дека „културата и историјата на Македонија се дел од културно-историскиот идентитет на сите балкански демоси како современи политички нации во чијашто основа е македонскиот етнос, независно од разликите во читањето на историјата, дури и независно од разликите помеѓу современите литературни јазици како производ на современите политички нации“.
СМК оценува дека големината на една цивилизација е во универзалноста на нејзините вредности, а универзални вредности на македонската цивилизација се: мирот и љубовта, наспроти омразата и војната; толеранцијата и коегзистенцијата, наспроти дискриминацијата и сегрегацијата; и културниот глобализам кој претставува интеграција со афирмација на помесните етноси, јазици, религии и култури, наспроти корпоративниот глобализам кој поаѓајќи од профитните интереси на мултинационалните корпорации врши интеграција со асимилација на помесните етноси, јазици, религии и култури, сè до нивна физичка ликвидација од земјината топка.
„СМК очекува изградба на споменикот ‘Мајка Македонија’, а автономните и националните власти да ја отфрлаат оваа расистичка намера на Граѓанската партија на Грците во Србија!“, порачуваат од СМК.