Дваесет и пет години се респектабилен временски период за процена на историската вредност на еден настан. Навистина според некои традиционални параматери на историската наука, додека сè уште има живи сведоци на настаните – рано е да се зборува за историја.
Современите „научни“ алатки, кои се потираат на вештачката интелигенција, сите решени и нерешени состојби од тој конфликт во 2001 година во Македонија го сублимираат во неколку реченици. „Охридскиот рамковен договор е мировен документ потпишан на 13 август 2001 година во Скопје. Тој го заврши вооружениот конфликт во Македонија меѓу безбедносните сили и ОНА. Договорот го зачува територијалниот интегритет на државата и донесе нови права за заедниците, рамноправност и децентрализација. Цел на договорот прекин на воениот конфликт и стабилност. Потписници: Претседателот Борис Трајковски и лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ПДП и ДПА, со посредство на меѓународни претставници од ЕУ и САД“, вели вештачката интелигенција.
Ако за вештачката интелигенција е доволно „историски“ период од 25 години да ги сублимира резултатите, придобивките и последиците од Охридскиот рамковен договор, се чини дека изминатата една четвртина век не се доволни за да се утврди кому му припаѓаат заслугите за тој документ кој во секој случај ѝ даде нова дефиниција на македонската државност.
До пред две години како неприкосновен политички субјект, кој си ја припишуваше сета заслуга за Охридскиот рамковен договор беше партијата Демократска унија за интеграција, која благодарение на тој договор од конфликтен фактор, (односно паравоената ОНА која го предизвика конфликтот) се трансформираше во политички фактор/субјект. И потоа дваесетина години беше „неприкосновен“ коалициски партнер во владите што со изборни циклуси се менуваа во Македонија. За волја на вистината, ниту еден политички субјект од македонскиот блок партии не беше заинтересиран да ѝ конкурира на ДУИ за заслугите во врска со Охридскиот рамковен договор. Партиите кои се перцепирани како со македонски етнички предзнак, во деновите на потсетување на Рамковниот договор својата политичка „креативност“ ја користеа за игнорирање на датумот.
Но последниве две години, ДУИ доби силна конкуренција во заслугите за почитување на Охридскиот рамковен договор во релативно новиот политички субјект со албански етнички предзнак, партијата Вреди, која до неодамна дејствуваше како коалиција од повеќе партии. Во случајот на годинешното одбележување на 25-годишнината од потпишувањето на Охридскиот договор, Вреди е во „предност“ со оглед на фактот дека е коалициски партнер во Владата.
Па така во деновите пред јубилејот, жестока беше размената на партиски соопштенија меѓу ДУИ и Вреди, главно околу ексклузивитетот на заслугите за постоењето на Охридскиот рамковен договор. Покрај тоа што Вреди учествуваше во институционалното одбележување на 25-годишнината, тоа ќе го одбележи и со партиска свеченост, слично како и ДУИ. Но секоја партија посебно ќе го прославува Охридскиот рамковен договор.
Во интеретничкиот политички ривалитет за ексклузивноста на Охридскиот договор, ДУИ и Вреди, веројатно несвесно, ја намалуваат неговата историска вредност и ја доведуваат во прашање неговата општограѓанска димензија. Актуелниот спор за „заслугите“ е сведен главно на тоа кој доминира политички со албанската етничка заедница во Македонија, во кој не се забележува интерес за заедништвото на целокупното македонско општество. Тоа само покажува дека во пракса, Охридскиот договор иако е вграден во македонскиот Устав, тешко ја добива својата граѓанска и историска вредност. Всушност, поминати се само 25 години!
Ј.П.