Екипажот на „Артемис II“ ќе го добие највисокото американско вселенско одликување за историското патување околу Месечината

Екипажот на историската мисија „Артемис II“, која вклучуваше прелет околу Месечината, ќе го добие највисокото вселенско одликување на САД, соопштија официјални лица, пренесува „Гардијан“. 

Командантот Рид Вајсман, пилотот Виктор Гловер и специјалистите на мисијата Кристина Кох и Џереми Хансен ќе го добијат Конгресниот вселенски медал на честа на 28 август, соопшти американската вселенска агенција НАСА.

Според веб-страницата на НАСА, само 30 астронаути досега го добиле ова признание. Меѓу нив се и Нил Армстронг, првиот човек што стапнал на Месечината и Џон Глен, кој бил првиот човек што орбитирал околу Земјата, а потоа служел четири мандати во американскиот Сенат.

Екипажот на „Артемис II“ го собори рекордот на „Аполо 13“ за најголема оддалеченост од Земјата за време на нивната десетдневна мисија, која започна на 1 април. Тие достигнаа оддалеченост од 252.756 милји (406.771 километар) додека прелетуваа над површината на Месечината, надминувајќи го рекордот од 1970 година од 248.655 милји, поставен за време на мисијата „Аполо 13“.

Мисијата е дел од плановите на САД повторно да испратат луѓе на Месечината, а на крајот и да стигнат до Марс.

„Ова не беше лесно. Пред да полетате, тоа изгледа како најголемиот сон на Земјата. А кога сте таму, само сакате да се вратите кај вашите семејства и пријатели. Посебно е да се биде човек, а посебно е да се биде на планетата Земја“, им изјави Вајсман на новинарите откако мисијата „Артемис II“ безбедно заврши со прецизно слетување во Тихиот Океан.

Церемонијата на доделување на медалите за Вајсман и неговите колеги е закажана во вселенскиот центар „Џонсон“ во Хјустон, четири месеци откако Трамп ги прими астронаутите од „Артемис II“ во Белата куќа.