Бугарија ќе стане 21-та членка на еврозоната на 1 јануари 2026 година, откако Европската комисија и Европската централна банка ќе ја одобрат нејзината кандидатура за усвојување на еврото, јавува Политико повикувајќи се на неколку функционери вклучени во процесот.
Во извештај што треба да биде објавен следната среда, се очекува двете институции да дадат позитивна оценка, со што се отвора патот за целосна интеграција на Бугарија во монетарната унија. Веќе со децении, бугарскиот лев е врзан за еврото, но земјата досега немала глас во одлуките на Европската централна банка.
„Приклучувањето во еврозоната само ќе ја засили сувереноста на Бугарија – ќе учествуваме во процесот на одлучување во ЕЦБ“, изјави за Политико бугарскиот економист и поранешен заменик-премиер Атанас Пеканов.
Бугарија, како тринаесетта по големина економија во еврозоната, ќе има ограничено влијание врз одлуките на Управниот совет на ЕЦБ, но сепак ќе добие формално место на масата каде се носат клучните монетарни политики.
Стравувања од раст на цените
Сепак, процесот на усвојување на еврото не поминува без критики. Експертите предупредуваат дека преминот може да предизвика еднократен раст на цените, што би ги погодило особено сиромашните домаќинства во руралните средини. Истото се случи и со претходните земји што се приклучија, како Словачка, Естонија и Литванија, кои на почетокот бележеа пораст на инфлацијата.
„Руралните гласачи не се евроскептични, туку се загрижени поради можниот раст на трошоците за живот“, вели Пеканов, кој сепак останува силен поддржувач на процесот.
Претседателот на Бугарија, Румен Радев, неодамна најави можност за национален референдум за одложување на усвојувањето на еврото, што предизвика бурни реакции во јавноста. Сепак, уставниот суд на земјата веќе има пресуди со кои вакви референдуми ги прогласил за неуставни, па ваквиот потег се смета за симболичен.
Премиерот Росен Јелјазков оцени дека оваа идеја создава непотребна паника во јавноста. „Нема логика, во време кога нацијата треба да има доверба дека воведувањето на еврото ќе ја зајакне нашата конкурентност, да се отвора дебата која манипулира со луѓето и внесува страв“, рече тој во изјава за медиумите.
Инфлацијата сè уште предизвик
Најголем предизвик за пристапот на Бугарија во еврозоната досега беше инфлацијата. Едно од клучните правила е просечната инфлација во земјата, од април 2024 до април 2025, да не биде за повеќе од 1,5 процентен поен повисока од онаа на трите ЕУ земји со најниска инфлација – оваа година тоа се Ирска (1%), Италија (1,4%) и Луксембург (1,6%).
Во Бугарија инфлацијата се намали од 4,7% во 2023 на 2,6% во 2024 година. Сепак, се очекува повторно да се зголеми на 3,6% во 2025 поради зголемувањето на ДДВ на голем број производи.
Со сè поголема политичка и економска волја за влез во еврозоната, бугарските власти остануваат посветени на реализација на оваа цел, и покрај растечките внатрешни сомнежи.