Вкупно 27 лица се опфатени во истрага за сомнителни измени и издавање возачки дозволи, откако било утврдено дека во електронскиот систем биле внесувани категории за кои одредени лица не ги исполнувале законските услови.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во интервју за МТВ изјави дека случајот е предаден на Обвинителството и Судот, од кои очекува законска и праведна одлука.
Меѓу пријавените е и вработена во МВР, која според досегашната истрага во периодот од 3 септември 2020 до 24 август 2026 година, користејќи ја службената шифра и овластувањата, незаконски менувала претходно креирани барања за издавање возачки дозволи.
Во одредени случаи, според МВР, таа отфрлала веќе оформени барања и креирала нови, во кои внесувала категории за кои лицата не ги исполнувале условите. По направените измени, барањата биле одобрувани, а потоа биле издавани возачки дозволи со невистинити податоци.
Истрагата е спроведена од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, кој поднел кривична пријава до скопското Јавно обвинителство.
Тошковски посочи дека осомничената вработена и претходно била поврзана со случаи на фалсификување, но дека со судска одлука била вратена на работа.
Според министерот, особено сериозен аспект на актуелниот случај е тоа што преку незаконски внесените категории на одредени лица им било овозможено да добијат дозволи за управување со автобуси и тешки товарни возила, иако немале положено соодветни испити и не ги исполнувале условите за тие категории.