Во текот на изминатите 18 месеци, десетици милиони Руси беа принудени да инсталираат нова апликација на своите телефони – виолетово-сино копче наменето за размена на пораки и плаќања, наречено „Макс“. Властите ја промовираа како патриотска алтернатива на „Телеграм“ и „Ватсап“, руските славни личности ја рекламираа во рап-спотови и хумористични скечеви. Ова лето, таа стана најкористената апликација за размена на пораки во земјата.
Таа е производ на „ВКонтакте“ , руската компанија за социјални медиуми која е длабоко поврзана со руската држава. Наводно, рускиот претседател Владимир Путин поседува индиректен удел во „Макс“.
„Макс“ е руската верзија на „супер-апликација“, која обединува екосистем од услуги во една платформа. Таа служи како платформа за низа „мини-апликации“ што сега го олеснуваат секојдневниот живот во Русија – банкарски апликации, сервис за пораки што има за цел да го замени „Телеграм“ и апликации за клучни државни услуги. Најпознатата супер-апликација во светот е „ВиЧет“, кинеската платформа „сè-во-едно“ која ја олеснува државната социјална контрола.
Но, додека „ВиЧет“ се развиваше со децении, паралелно со другите механизми за интернет-контрола во Кина, „Макс“ ѝ беше наметнат на популација која претходно имаше главно слободен пристап до интернетот.
Сега, форензичките истражувања открија поцелосна слика за моќните можности за надзор што ги нуди „Макс“. Тие всушност претставуваат задна врата кон целиот екосистем од мини-апликации на уредот на секој корисник, вели Роја Енсафи, вонреден професор по компјутерски науки на Универзитетот во Мичиген.
„Ја проучувавме ескалацијата на контролата врз интернетот во Русија во текот на изминатата деценија“, рече Енсафи. „Она што го нуди ‘Макс’ е најгенијалната, а воедно и најзастрашувачката тактика на авторитарните влади за надзор над нивните граѓани.
„Макс“ е „модел што секоја влада може да го следи“ на патот кон дигитален авторитаризам, вели Енсафи.
Таа претставува врвно достигнување во она што влади како оние на Иран, Казахстан и Индија можеби наскоро ќе се обидат да го постигнат.
Тимот на Енсафи успеа да ја преземе верзијата на апликацијата што се користи во Русија. Тие открија дека „Макс“ може да прави снимки од екранот на уредите на корисниците – како и од содржината на своите мини-апликации – без нивно знаење. Апликацијата може да пристапи до сите информации зачувани во овие мини-апликации, до нивните пораки и плаќања. Таа може да го имитира корисникот без тој да биде свесен за тоа. Таа дури може да вметнува код во мини-апликации – што, според Енсафи, би значело дека руската влада би можела да ја користи „Макс“ за изведување сајбер-напади.
Нивното истражување фрла ново светло врз тековната дебата за можностите за надзор што ги нуди „Макс“. Клучно е, вели Енсафи, што таа не може да навлезе во апликации како „Телеграм“ и „Ватсап“ доколку корисниците ги имаат инсталирано. Сепак, Русија ги има забрането и двете.
Многу Руси кои работат во државни институции или се поврзани со нив, всушност се принудени да ја користат „Макс“. Официјални лица, вработени во јавниот сектор, студенти, наставници, па дури и ученици, се соочија со притисок да ја префрлат својата комуникација на оваа платформа.
Еден наставник од Москва изјави дека вработените во неговото училиште добиле наредба да преминат на „Макс“ по добиените инструкции од градските власти.
„Директорот на училиштето нè повика минатиот март и директно ни кажа: од сега па натаму, сè се одвива преку ’Макс‘. Тоа вклучуваше разговори со родителите, испраќање домашни задачи и друга училишна комуникација“, рече наставникот.
„Всушност, не постои можност да се каже ’не‘, па на крајот едноставно ја користите апликацијата“, додаде тој.