Денес се наврушуваат 31 година од атентатот врз првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров. Атеннтатот беше извршен со автомобил-бомба во 9:50 часот 1995 година на улица Македонија пред хотелот „Бристол“ во Скопје кога Глигоров со службено возило се движеше од неговата резиденција на работното место во Собранието.
Во автомобил „цитроен ами 8“ беа скриени 20 килограми експлозив, активирани со далечински управувач, а пред експлозијата, службеното возило на претседателот на улицата Македонија го забавило автомобил „фиќо“.
Глигоров го преживеа атентатот со тешки последици на главата, а на место загина неговиот возач Алекандар Спировски, додека телохранителот Илчо Теовски беше ранет.
Истрагата утврди дека атентатот бил добро подготвен и организиран, но и после толку години јавноста не дозна кој стоеше зад атентатот.
Во истрагата беа претресени 30.850 возила, прегледани повеќе од 15.000 објекти и легитимирани повеќе од 188.000 лица, од кои 19.000 беа претресени.
По неколкумесечно лекување, Глигоров на 10 јануари 1996 година се врати на својата претседателска дејност, а откако го заврши вториот претседателски мандат, му го отстапи местото на поранешниот претседател Борис Трајковски, кој пак трагично загина во авионска несреќа во близина на Мостар.
Глигоров беше најстариот македонски политички функционер. На 17 ноември 1999 година кога го заврши вториот претседателски мандат имаше 82 години. Почина во длабока старост на 94 години на 1 јануари 2012 година.
Глигоров беше првиот претседател на независна Македонија а на него му се препишува и заслугата што земјава се отцепи по мирен пат од поранешна Југославија.