Мицкоски: Средбата со Фон дер Лајен е клучна, но не сум задоволен од пораките за уставни измени

Премиерот Христијан Мицкоски генерално е задоволен од вчерашната средба со претседателката на Европската комисија Урсула фондер Лајен, гледајќи ја како клучна за некои процеси во иднина, но не е задоволен од пораките за уставните измени.

Тие процеси очекувам да почнат веќе следната недела, откако веќе Министерството за надворешни работи и надворешна трговија достави барање до колегите од нашиот источен сосед за билатерална средба. Од друга страна, не можам да кажам дека сум задоволен од пораките што ги испрати претседателката. Таа јасно кажа дека стои на маса промената на Уставот, работа којашто е прифатена од претходната влада, изјави денес Мицкоски.

За уставните измени ја обвини претходната влада на СДСМ и ДУИ велејќи дека во отсуство на креативност и предлози за надминување на состојбата, се обидува „преку лаги и измислици“ да испраќа пораки дека актуелната Влада ќе ја промени Преговарачката рамка.

За барањето на средба во Софија, не очекува дека ќе биде одбиено.

Не очекувам, не би било паметно да одбијат, но тоа е нивна суверена одлука. Јас добив конструктивен совет од страна на претседателката, да го замолам министерот за надворешни работи и надворешна трговија да побара средба на маргините на состанокот повод Коридорот 8. Јас тоа го сторив, бидејќи ценам дека претседателката апсолутно беше во право кога го предложи тоа. Министерот побара, сега останува на нашиот источен сосед да одлучи што понатаму, рече Мицкоски.